„НИ ТРЕБААТ 5 ДЕНА, ЗА МОСКВА ИМА САМО ЕДНА ГРАНИЦА“ Путин предложи мисија по средбата со Американците

Рускиот лидер предложи хуманитарна мисија во Константиновка, тврдејќи дека на руските сили им се потребни 5 дена за да го расчистат подрачјето од мини. По разговорите со американските претставници, тој ги отфрли странските трупи во Украина и порача дека единствената линија на разграничување е државната граница.

0

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека на Русија ѝ се потребни 5 дена за расчистување на мините во близина на украинскиот град Константиновка, каде што предложи да се организира хуманитарна мисија. Изјавата ја даде по средбата во Москва со претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер.

Според руската државна агенција ТАСС, Путин тврди дека руските сили ја контролираат Константиновка и дека Москва е подготвена да ја гарантира безбедноста на хуманитарната мисија.






– На Русија ѝ требаат 5 дена за да го исчисти подрачјето во близина на Константиновка од мини – изјави Путин.

Тој предложи мисијата да се организира по примерот на претходната хуманитарна операција во украинскиот град Олешки, а нејзиното спроведување да им се довери на омбудсманите.

– Ако Украинците веруваат дека ја контролираат Константиновка, тогаш нека обезбедат безбедност од своја страна – рече рускиот претседател.

Путин го оцени како позитивно претходното искуство од хуманитарната соработка со Украина околу Олешки.

Тој им се заблагодарил на американските претставници, а посебно ја споменал првата дама на САД, Меланија Трамп, за нејзината улога во организирањето на хуманитарната мисија.

Предупредување за странските трупи

Рускиот претседател се осврна и на прашањето за идното разграничување со Украина, отфрлајќи ги разговорите за таканаречени сиви зони.

– За Русија, постои само една линија на разграничување со Украина, а тоа е државната граница. Русија знае дека Украинците го покренуваат прашањето за „сивите зони“, но мирот во Украина мора да биде вечен – изјави Путин.

Путин повторно се спротивстави на можноста странски војници да бидат распоредени во Украина, оценувајќи дека тоа би ја загрозило националната безбедност на Русија.

– Тие ќе станат легитимна цел за руската војска – предупреди тој.

Рускиот претседател порача и дека Москва никогаш не била против дијалог со европските држави, но тврди дека самите Европејци ги прекинале контактите.

– Русија би сакала САД да соработуваат со Европа, а Европејците да одлучат што сакаат – мир или војна – изјави Путин.

Неговите пораки следуваат по разговорите со Виткоф и Кушнер, кои пристигнаа во Москва во рамките на американските дипломатски напори за прекинување на војната во Украина.

Виткоф најавува нови преговори

Специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, оцени дека претходните трилатерални разговори во Абу Даби се одвивале во позитивна атмосфера.

Според него, руската и украинската делегација работеле ефикасно, а бил постигнат и договор за голема размена на затвореници.

Виткоф потврди дека европските претставници не учествувале директно во разговорите, но биле информирани за нивните резултати.

– Европејците не беа на преговарачката маса, но беа информирани за резултатите од контактите – изјави тој.

Американскиот претставник најави дека информациите од средбата со Путин ќе му ги пренесе на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

– Се надевам дека тогаш ќе можам да кажам дека ќе имаме следна рунда трилатерални разговори – рече Виткоф.

Џаред Кушнер, кој заедно со Виткоф пристигна во Москва, изрази надеж дека разговорите ќе помогнат во пронаоѓањето пат кон прекин на војната.

Тој изјави дека САД веќе разговараат со европските партнери за идната безбедносна архитектура на континентот и за можностите за нивно вклучување во мировниот процес.

Поврзани содржини