Независноста на државата vs. расцепот на МПЦ

Кој има очи да види, ќе ја види разликата меѓу државата и МПЦ и нивните патишта, но и тоа што МПЦ сѐ уште упорно го прави продолжувајќи си го карантинот, до мерка во која веќе не прави разлика помеѓу карантинот и стварноста.

1,641

Државата слави 29 годишнина од своето осамостојување, а неодамна МПЦ славеше 50 години расцеп од православниот свет. Која е разликата?

Социјалистичка Република Македонија (СРМ), беше федерален дел од една поголема држава. Таа самата (како и сите останати републики во едната држава), немаше целосен суверенитет, туку поделен или ограничен. Според меѓународното право, во една таква држава, СРМ (како и останатите), имаше статус на широка автономија. Така беше до 1991 година.






Потоа СРМ, на мирољубив начин, со сите правно – легални средства и правила, кои ѝ беа на располагање стигна до својата независност. Таа независност беше прифатена од целата политичка „екумена“, а новата суверена држава беше свечено запишана во „диптихот“ на ООН како рамноправна со останатите држави во „екумената“. Така се случува развојот, кога еден субјект оди по легалистичкиот пат.

Што се однесува до МПЦ, таа како верска организација, уште повеќе би требала да го милува и да ѝ биде близок легалистичкиот, канонскиот пат за остварување на своите цели, отколку спротивниот, противканонскиот.

Зашто, и таа (слично како и републиката), во минатото беше дел од една поголема помесна црква. И МПЦ (слично како и републиката), според канонското право, имаше статус на широка автономија во таа помесна црква. Но, за разлика од државата, која чекаше да дојде вистинското време за да ја оствари својата меѓународно призната независност, МПЦ многу порано, уште додека се живееше во една држава и една помесна црква, побрза да ја самопрогласи својата автокефалија. Немајќи легалистички средства за тоа, посегна по пучистички. Направи насилство кон целата Црква. Своеволно, еднострано и ултимативно се отцепи од неа. Од тогаш, сите помесни цркви го прекинаа богослужбеното и канонското единство со МПЦ. Тоа е реалноста што е на сила и денес.

Затоа денес државата слави и сите останати држави упатуваат честитки за Денот на независноста. Политичките претставници на другите држави слават заедно со нашите политички претставници.

Кога МПЦ слави, никој не ѝ честита за прославата и расцепот кој го направи, и некој не праќа свои претставници да учествуваат во нејзините прослави.

Кој има очи да види, ќе ја види разликата меѓу државата и МПЦ и нивните патишта, но и тоа што МПЦ сѐ уште упорно го прави продолжувајќи си го карантинот, до мерка во која веќе не прави разлика помеѓу карантинот и стварноста. Кој има очи да види, ќе го види и несправедливото место кое МПЦ како таква, го добива од државата, настрана фактот што таа е со Уставот одвоена од државата.

Поврзани содржини