НЕЗАКОНСКИ ВРАБОТУВАЊА ВО ЈП „КОЛЕКТОРСКИ СИСТЕМ“ Поранешен директор примал кандидати без исполнети услови
Првопријавениот В.А., во текот на 2023 година, во својство на в.д. директор на Јавното претпријатие „Колекторски систем" - Скопје, подружница Охрид, по објавен оглас за вработување на неопределено време, потпишал одлуки за избор и за вработување двајца кандидати, иако знаел дека не ги исполнувале во целост законските услови, наведени во огласот, соопшти МВР.
Полицијата поднесе кривични пријави против 6 лица поради незаконско вработување на двајца кандидати кои не ги исполнувале потребните услови за работа во Јавното претпријатие „Колекторски систем“ – Скопје, подружница Охрид, во текот на 2023 година. Осомничените се товарат за злоупотреба на службената положба и за несовесно работење во службата, соопшти Министерството за внатрешни работи.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против 53-годишниот В.А. од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување” и против 42-годишниот Л.А. од Струга, 59-годишниот В.А. од струшкото село Радолишта, 55-годишниот А.М. од Струга, 49-годишниот В.П. од Охрид и 49-годишниот Ј.Б. од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата”.
„Првопријавениот, во текот на 2023 година, во својство на в.д. директор на Јавното претпријатие „Колекторски систем” – Скопје, подружница Охрид, по објавен оглас за вработување на неопределено време, потпишал одлуки за избор и за вработување двајца кандидати, иако знаел дека не ги исполнувале во целост законските услови, наведени во огласот“, се наведува во соопштението на МВР.
Останатите пријавени, се додава во соопштението, како членови на комисиите за спроведување на постапка за вработување на двајцата кандидати, иако знаеле дека условите од конкурсот не се целосно исполнети, се потпишале и ги одобриле конечните ранг листи.