НЕЗАКОНСКИ СЕ ОДЛУКИТЕ НА СУДСКИОТ И НА ОБВИНИТЕЛСКИОТ СОВЕТ Антикорупциска им наложи да ги повлечат своите членови од УО на Академијата за судии и обвинтели
Членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители не смеат во исто време да вршат функции во органите на управување кои располагаат со државен капитал и треба да го стават вон сила својот избор, одлучи Државната комисија за спречување на корупцијата.
Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да преземат мерки со кои ќе ги стават вон сила одлуките со кои нивните членови се назначени за членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), одлучи Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Според антикорупционерите, одлуките се спротивни на Законот за спречување на корупција и судир на интереси и на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.
Од Антикорупциска истакнаа дека согласно членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители не смеат во исто време да вршат функции во органите на управување кои располагаат со државен капитал. Судирот на интереси се јавува бидејќи Управниот одбор на Академијата одлучува по жалбите на кандидатите за судии и јавни обвинители, а советите ги избораат.
– ДКСК согласно член 40 од деловникот предлага да побара од Судскиот совет и од Советот на јавни обвинители да преземат мерки за надминување, на начин што пред отпочнување на мандатот членови на АСЈО, а најдоцна до истекот на мандатот на сегашните членови на АСЈО, ќе ги стават вон сила своите одлуки кои се спротивни на Закон за судир на интереси и Закон за АСЈО – порачаа од Комисијата на денешната седница.
На истата седница, пак, Антокорупциската комисија одлучи дека членството на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми и на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во Управниот одбор на Академијата се во согласност со законот. Комисијата одлучи да ја запре постапката за судир на интереси во овој случај.
– ДКСК оцени дека во конкретниов случај, при назначувањето на членови на УО е постапено согласно законската можност за исклучок од забраната за членство во управни и во надзорни одбори. Не постои акумулација на функции спротивна на закон и не се основани наводите за злоупотреба на буџетски средства. Се запира постапката – одлучи ДКСК.
Советот на јавни обвинители на 29 октомври за членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители ги избра своите членови Душица Димитриеска и Башким Бесими, а за заменици Татјана Кацарова и Теута Рамадани.
Судскиот совет на седницата на 24 октомври за член на УО на Академијата за судии и јавни обвинители го номинира членот на советот Ханиф Зендели, а за негов заменик Тодор Поп Панев, судија на Апелација Штип. За втор член на УО е номинирана Антоанета Димовска, исто така член на Судскиот совет, а за нејзин заменик е номинирана Емељ Кранли Али, судија на Основен суд Ресен.