Ако помине владиниот предлог за промени на Законот на граѓанска одговорност граѓаните ќе бидат санкционирани и за негативно мислење, што порано се нарекуваше вербален деликт и беше укинат по крајот на социјализмот.
„Новиот предлог да се одговара за навреда и за „негативно мислење“ не е ништо помалку од цензура на мала врата! Јас можам да напишам дека Владата не работи добро – оп тужба за навреда. Комшијата има лоша фризура – оп навреда. Кој латентни нацисти сте Вие!!!“, пишува за предлогот на владата адвокатот Јанаки Митровски.
И пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков информираше дека во Собранието, на комисијата за европски прашања од Министерство за правда пристигнал предлог законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, па на Фејсбук реагираше во неверица:
„Власта бара за НАВРЕДА да СЕ ОДГОВАРА и со изразување на НЕГАТИВНО МИСЛЕЊЕ! Одговорност за мислење? Што е следно полиција за мисли?“. прашува Лефков.
Според текстот ќе се одговара и за објавување на негативно мислење од страна на граѓаните, предвидува Предлог законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета којшто го предлага Владата, преку Министерството за правда, а кој деновиве влезе во собраниска процедура.
,,За навреда одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, со изјава, содржина, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази омаловажувачко, понижувачко или негативно мислење, стои во спорниот став од членот 6 во Законот”, стои во текстот од законот.
За предлогот реагира и адвокатот Александар Тортевски и иронично порачува: Само фалете ја власта дека ве усреќува и нема никогаш да ве тужат за клевета.