НЕМА ЗАБРАНА ЗА ВНЕС НА НОВИ ЖИВОТНИ Советот на Град Скопје не ја изгласа иницијативата за мораториум во Зоолошка
Причината за ваквиот чекор како што се образложува во иницијатава се тоа што според достапните информации во Зоолошката градина во 2022 и 2023 година угинале вкупно 18 животни и тоа: два волка, златен фазан, две жирафи, тигрица, два лемура, три пржевалски коњи, еланд антилопа, црн лебед, три пингвини, џуџеста коза, берберска овца и белоглав стрвинар.
Со четири гласа „за“, 10 „против“ и осум „воздржани“, Советот на Град Скопје денеска не ја изгласа иницијативата за мораториум за внесување нови животни во Зоолошка, поднесена од „Зелен хуман град“.
Драгана Велковска од „Зелен хуман град“ рече дека со ова нема да се оптовари буџетот на Градот и пвика да се спречи понатамошно внесување нови животни во Зоолошката.
– Ако зборуваме дека одиме во 21. век, се стремиме кон еволуција, прво на лично ниво, а потоа и колективно секако, можеме да кажеме дека доволно се грижиме за тоа што нѐ опкружува и дека не би дозволиле, кога веќе ја имаме моќта во наши раце, да дозволуваме да страдаат живи суштества, кои и тоа како чувствуваат болка, страдање, тага, страв, како што чувствува секој од вас, секој од нас, овде, порача Велковска.
Причината за ваквиот чекор како што се образложува во иницијатава се тоа што според достапните информации во Зоолошката градина во 2022 и 2023 година угинале вкупно 18 животни и тоа: два волка, златен фазан, две жирафи, тигрица, два лемура, три пржевалски коњи, еланд антилопа, црн лебед, три пингвини, џуџеста коза, берберска овца и белоглав стрвинар.
– Бевме сведоци и на масовно колење на 10 коњи со образложение дека биле болни. Во сите овие случаи, никој не понесе одговорност, ниту имаше правна разрешница, освен разрешувањето на директорот Кристијан Стаменов, во јули 2022 година – стои во иницијативата.
Советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков истакна дека животните во Зоолошката градина не биле виновни за тоа што им се случува заради „неспособноста на кадрите на градоначалничката Арсовска“.
– На ова раководство на градот и на зоолошката градина се бројат деновите и месеците. Било кој да дојде потоа јас сум уверен дека веднаш ќе настане една револуција во скопската зоолошката градина, затоа што било кој градоначалник после оваа градоначалничка ќе си го сака многу повеќе Скопје од неа – нагласи Кирков.
Советникот даде осврт и на последните случувања со зоолошката градина каде што поради лице кое што било вработено во истата, им била попречена работата на инспекторите од АХВ. За ова и за уште една работа, на истото лице му била поднесена и кривична пријава.
– После записникот од страна на МВР е поднесена соодветна кривична пријава за попречување за движење во заразно подрачје без заштитна опрема. Еве до таму оди безобразноста и како се работи со зоолошката градина со овој менаџмент и оваа градоначалничка – додаде Кирков.
Љубица Јанчева од редовите на СДСМ рече дека нема потреба да ја усвојуваат, зашто со тоа што сме го изгубивме кандидатскиот статус за ЕАЗА, имало мораториум.
– Со тоа што го изгубивме кандидатскиот статус на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА) имаме мораториум, а денеска со изгласување на оставките на Управниот одбор – сами ќе и ставиме мораториум. Со ова приморано, ќе ставиме катанец на Зоолошка, без орган на управување. Ако сакате мерка и ја нарекувате мораториум, треба да дадете рок. Вака, во преносна смисла е катанец на Зоолошка. Не можеме да одиме против актот на основање. Нема потреба од квалификации кој сака и не сака животни, тоа е лично. Зоолошка е бренд и овде беше кажано дека ќе слави 100 години, прва е на Балканот – рече Јанчева.
Според неа, Советот има одговорност за состојбата во Зоолошка градина.
– Укажувавме дека имаме директори кои законски не смеат да бидат в.д. директори, не слушнав од членовите на Советот кој не се партиски определени – аргумент да нѐ поддржат дека вршителот на должност е противзаконски поставен, траеше тоа еден или два мандати – додаде Јанчева.
Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“ зборуваше за неговото искуство со Зоолошката, посочувајќи дека бил вџашен од ситуацијата во која се чуваат животните таму.