НЕМА ВЕЌЕ ЛАЖЕЊЕ ЗА СВОЈАТА НАЦИОНАЛНОСТ ЗАРАДИ ВРАБОТУВАЊЕ Првиот вицепремиер ќе се грижи за спроведувањето на законот за правична застапеност
Во рок од шест месеци од донесувањето на законот ќе се донесе методологија што во практика ќе ја уреди правичната застапеност, годишните планови за вработување и конкурсите.
Координативно тело, кое ќе го предводи првиот вицепремиер ќе се грижи за спроведување на законот за правична застапеност. Пред ова тело извештаи ќе поднесуваат сите институции, најави Албрим Хоџа од Вреди.
– Правичната и соодветна застапеност конечно станува закон. За првпат во историјата, ова право нема да остане само запишан принцип или политичко ветување, туку станува гарантирано, заштитено и задолжително за институциите. Досега многу работи зависеа од нечија волја, од расположението на некој министер или од политички пазарења. Со овој закон, на тоа му доаѓа крај – рече тој.
Во рок од шест месеци од донесувањето на законот ќе се донесе методологија што во практика ќе ја уреди правичната застапеност, годишните планови за вработување и конкурсите. Таа ќе се заснова на последниот попис на населението, за застапеноста да го одразува реалниот демографски состав.
– Една важна и историска новина е што законот нема да важи само за вработувањата, туку и за унапредувањата на работното место. Не е доволно некој да се вработи во администрација, а потоа со години да остане на истото ниво. Со овој закон се отвора пат за унапредување и за поголемо учество во одлучувањето. Законот го решава и проблемот со злоупотребите што ги видовме со Балансерот. Самоизјаснувањето не може да биде покритие за измама и никој не смее да си игра со идентитетот заради конкурс. Проверката ќе се врши врз основа на официјални податоци, вклучително и личната карта – вели Албрим Хоџа и додава дека ако некој функционер не го почитува законот, ќе биде разрешен.