НЕМА ВЕЌЕ „А КАДЕ Е ПЕЧАТОТ“ НА ГРАНИЦА Новата електронска гранична контрола на ЕУ ќе важи и за Македонија

Македонските граѓани ќе бидат дел од новата дигитална ера на гранична контрола во Шенген зоната – ЕЕС автоматски ќе пресметува престој, ќе предупредува за прекршувања, и ќе собира биометриски податоци.

1,893

Преговарачите на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент постигнаа договор за регулатива со која се отвора патот за постепено воведување на Системот за влез/излез (EES) – заеднички електронски систем што ќе ја замени дотраената практика на ставање печати во пасошите. Откако регулативата ќе биде формално одобрена од двете институции, Европската комисија ќе донесе посебна одлука за почеток на транзицијата, која ќе трае 6 месеци.

EES е централизирана дигитална база на податоци на ЕУ која ќе евидентира и ќе складира информации за датумот, времето и за местото на влез и излез на сите државјани од трети земји кои ја поминуваат надворешната граница на ЕУ.






Системот автоматски ќе го пресметува времетраењето на дозволениот престој (максимум 90 дена во рок од 180 дена) и ќе испраќа предупредувања до земјите-членки кога некое лице го надминува дозволениот период.

Кого ќе опфати новиот систем?

Новиот систем ќе се применува на две категории патници:

  • Лица од трети земји на кои им е потребна виза за краткорочен престој;
  • Лица ослободени од виза, но кои не се државјани на ЕУ – како што се и граѓаните на Македонија.

Со други зборови, македонските граѓани ќе бидат директно опфатени со новата регулатива при секое патување во Шенген зоната, дури и ако патуваат без виза.

Системот ќе овозможи автоматска и непречеклива проверка дали некој престојува повеќе од дозволеното, со што се укинува простор за манипулации со печати и неевидентирани престои.

Биометриски податоци: фотографирање и отпечатоци

При прв влез во ЕУ, службениците за гранична контрола ќе ги фотографираат патниците или ќе им ги скенираат отпечатоците од прсти. Овие биометриски податоци ќе се чуваат во дигитална архива и ќе се користат за следење на сите понатамошни влегувања и излегувања.

Постепено воведување – прво без биометрија, потоа целосна дигитализација

Поради неподготвеност на дел од земјите, стартот на системот, првично планиран за ноември минатата година, беше одложен. Комисијата сега предвидува постепено активирање:

Првите два месеца: земјите ќе можат да го користат системот без собирање биометриски податоци

По три месеци: најмалку 50% од граничните премини ќе мора да користат биометрија

До крајот на шестмесечниот преоден период: целосна примена на системот на сите гранични премини

Додека трае транзицијата, печатите во пасошите ќе продолжат да се користат, но оваа практика ќе стане минато штом EES се вгради во сите гранични пунктови.

Поврзани содржини