НЕМА ДОГОВОР ЗА ВИСИНАТА НА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА Газдите велат има време за договор, синдикатите најавуваат протести по Нова година

Од Сојузот на синдикати остануваат на ставот за зголемување на минималната плата со оглед на тоа што секојдневно растат животните трошоци. Ги повикаа Владата и работодавачите да се договорат, а во спротивно најавуваат порадикални мерки по Нова Година. 

298

Економско-социјалниот совет денеска не донесе одлука за зголемување на минималната плата. Од Владата велат дека не се против зголемување на минималната плата, но дека тоа треба да е економски оправдано.

Економските параметри во моментот, како што велат од Владата, покажуваат дека нема потреба од такво нешто.






Од Сојузот на синдикати остануваат на ставот за зголемување на минималната плата со оглед на тоа што секојдневно растат животните трошоци. Ги повикаа Владата и работодавачите да се договорат, а во спротивно најавуваат порадикални мерки по Нова Година.

– Како Влада никогаш не сме биле против зголемувањето на минималната плата, туку преку дијалог оставаме таа да биде договор меѓу работодавачите и синдикатите. Сепак, според ваквите економски индикатори, нема оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред редовното усогласување во март кое е јасно утврдено и кое би било помеѓу 1.500 и 2.000 денари – изјави министерот за економија Бесар Дурмиши.

Според него интервентно зголемување без продуктивност и реални економски параметри ќе создаде дополнителен притисок особено врз малите претпријатија и ризик за работните места.

Претседателот на Сојузот на синдикатите Слободан Трендафилов останува на ставот дека е неопходно зголемување на минималната плата, но и на останатите плати, затоа што, како што вели, планираното законско зголемување во март следната година во износ од околу 1.500 денари нема да биде доволно да ги покрие  пораснатите трошоци за живот.

– Чекаме да се договорат Владата и работодавачите имајќи предвид дека се лицитираше со 600, 700, 800 дури и 1000 евра износ на минимална плата. Очекуваме како ќе се договорат тие, но пожелно е договорот да се случи побрзо бидејќи работниците едвај врзуваат крај со крај со оваа минимална плата – рече Трендафилов по седницата на ЕСС.

Тој смета дека нема простор за оптимизам бидејќи, годинава имало 13,8% повеќе средства за зголемување на плати, а тие се зголемиле помеѓу 5 и 7%, а за в година се предвидени 7%, што според него, би значело помало зголемување на платите.

– Тогаш каков е планот за зголемување на платите на работниците, или ќе добијат парцијално одредени категории работници во одредени дејности наспроти други категории работници – рече претседателот на ССМ.

Според Бизнис конфедерацијата, има шанси за преговори до март кога е законското усогласување, но енормно зголемување на минималната плата е невозможно.

– Се надевам дека во тек на овој период до законското усогласување во март имаме шанси да преговараме. Има модели како може да ја договараме минималната плата. Еден од предлозите на Бизнис конфедерацијата е во рамки на Законот за работни односи да се прошири колективното договарање со што ќе се вклучи и минималната плата особено во одредени сектори. Нашиот предлог е дека со договарањето на минималната плата во одредени сектори може да се намалат и злоупотребите така што топката е помеѓу синдикатите и работодавачите – рече претседателот на Бизнис конфедерацијата Миле Бошков.

Поврзани содржини