НЕМА ДА СЕ ГРАДИ 25-КАТНИЦА ПОЗАДИ НЕКОГАШНА НИП „НОВА МАКЕДОНИЈА“ Советот на Општина Центар едногласно го отфрли предлогот за корекција на ДУП

Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации - рече градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

903

Советот на Општина Центар на денешната седница гласаше за недонесување на одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“ информира Општина Центар во соопштение.

За недонесување на предлог-одлуката гласаа сите 23 советници.






– Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пиар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации – рече градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.

– Тука веќе е толку пренатрупано, па замислете каков хаос ќе се случи доколку се изгради ова чудовиште. Не знам каде ќе се паркираат сите тие возила и дали ќе остане слободен простор за живеење. Ве молиме да најдете начин и да не дозволите оваа зграда да се изгради – рече Ангел Цветков, трета генерација жител во зградите зад „Нова Македонија“.

Согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.

– ДУП-от за овој дел е донесен во 2012 година. Сите знаете дека и со измена на план не можеме да намалиме катност, не може да се одземе веќе дадено право. Денес станува збор за техничка исправка во парцелата. Исто така манипулирате со бројки, максималната дозволена висина е 25 ката, но може инвеститорот ќе гради помал објект – рече претставник на Секторот на урбанизам.

Советнците од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека ќе гласаат против, но им пречеше што советнците од „Шанса за Центар“ и Левица прават пи-ар и дека од вчера создаваат паника објавувајќи слика од зградата на Фејсбук. Рекоа дека на Комисијата за урбанизам едногласно било одлучено дека нема да се поддржи оваа точка и нема потреба да се водат дискусии кога сите биле против изградбата на зградата.

Поврзани содржини