НЕМА ДА ИМА РЕСТРИКЦИИ, ЗА ПОСКАПУВАЊЕ ЌЕ ЗНАЕМЕ ВО ПЕТОК Првиот човек на ЕЛЕМ ги открива плановите за струјата
Првиот човек на ЕЛЕМ, Васко Ковачевски за 24вести потврди дека нема да има рестрикции на струјата зимава, а дека очекува во јануари да проработат вториот котел на ТЕЦ Неготино и третиот блок на РЕК Битола. Колку ќе биде поскапена струјата, ќе се знае во петок.
Нема да има рестрикции на струја и покрај енергетската криза во која се наоѓа земјава, тврди првиот човек на државните електрани Васко Ковачевски за 24Вести. Сепак, тој признава дека ТЕЦ Неготино и РЕК Битола сè уште не работат со полн капацитет, а дека тоа ќе се случи дури во јануари идната година. Според Ковачевски, државните електрани ќе произведат доволно струја, за целосно да го снабдат ЕВН хоум, кој пак ги снабдува граѓаните и малите фирми со електрична енергија.
По 12 години, неготинската термоелектрана е повторно вклучена на мрежа. Веќе 10 дена произведува струја, но со половина капацитет. Идниот месец ќе биде вклучен и вториот котел, со што ТЕЦ Неготино ќе произведува струја приближно на еден блок од РЕК Битола.
Во меѓувреме, економијата се соочува со големи проблеми, откако снабдувачите на слободниот пазар на компаниите им нудат струја, неколкукратно поскапа од досегашната. Повисоки сметки од јануари ќе имаат и граѓаните.
Регулаторната комисија утре ќе одржи подготвителен состанок со компаниите кои учествуваат во формирањето на цената на струјата. Оттаму најавуваат дека ќе се бара максимална солидарност и од нив, за да не се случи голем ценовен шок за граѓаните. Колкаво ќе биде поскапувањето, ќе се знае во петок.