Некои тоа го сакаат жешко

Да беше прес конференцијата на г-динот Заев ден-два подоцна, ќе се фалев дека го прочитал мојот текст за конфузните сигнали на власта и побрзал да ги појасни, поправи, за мој атер. Ама не беше така, за моја жал!

764

Дури и во „ненормално време“, нештата мора да бидат јасни и прецизни: науката за нејзините работи, политиката за нејзините. Таму каде што „интересите“ им се поклопуваат, кај нас најчесто превагнува политиката. Зошто? Затоа што науката е спора, а на политиката најчесто ѝ се брза: некои одлуки мора да се носат во еден ден, да не речам во миг. Ние најчесто така работиме – ги оставаме нештата да „зреат“ до пукање, па итно бараме излез. Тука наука не помага. А сепак, домените мора да се знаат, и да се почитуваат. Умните политичари не трчаат пред науката. А во вакво „ненормално време“ сè се вжештува, особено страстите, политичките. Како филмон! Но, да одам со ред.

Да беше прес конференцијата на г-динот Заев ден-два подоцна, ќе се фалев дека го прочитал мојот текст за конфузните сигнали на власта и побрзал да ги појасни, поправи, за мој атер. Ама не беше така, за моја жал! Ми отидоа неповрат фалбите. И, апропо неговиот прес, некако не можете, а да не се согласите со него. Речиси во сè! Дури и во оние нешта во коишто не би сакал да се согласам. На пример за изборите. Ама, морам да го кажам и следново, без оглед колку звучи лично: како да се враќа стариот Зоран Заев, оној од пред две-три години.






Ок, тоа е мое чувство, зашто како да се беше изгубил токму во политичките – или политикантските? – есапи, заборавајќи ги основните вредности?! Но, да се вратам на неговото објаснување за изборите, (иако неволно зашто моите заложби паѓаат во вода): дури и да ги ставиме на страна Уставот и законите, која е другата опција? Онаа на вемерото, на есен? Тогаш ситуацијата ќе биде уште покатастрофална! Или – така треба, „неки то воле вруќе“?

Доволно е да го прочитате предвидувањето на СЗО за оваа есен и зима и веднаш да ви стане јасно што нè очекува. И што сака вемерото. Оттука, друга опција очигледно нема. И добро што лидерот на СДСМ ова уште еднаш го образложува, натенане и конкретно, проследено и со предлозите на другите партии и негови коментари зошто истите се неприфатливи. Следствено, ако тоа некому му значи, и јас не можам а да не го повлечам моето „противење“ за вака рани избори, иако ми остануваат неколку други „адути“ коишто Заев баш и не ги поби најдобро.

На пример, оној за излезноста. И за евентуалното неучество на опозицијата. И за „протоколите“… Сè се тоа битни елементи во изборниот процес и финалната изборна слика што понатаму ќе ја следи Македонија во наредните четири години. Поточно, на пример, секому му е јасно дека зад искажаната наводна грижа за здравјето на граѓаните од страна на вемерото стои уплав од избори во јуни зашто и нивните пресметки говорат за катастрофален пораз. Дури и со мала излезност, а камоли во нормална ситуација каква што посакува СДСМ.

Зашто, да бидеме искрени, ниту нешто нудат, уште помалку знаат што да понудат, а конечно – се покажува дека и ова вемеро е она истото злосторничко здружение од пред три години, само со сменети фаци и поблага реторика. Умот и однесувањето се идентични! Оттука, за СДСМ нема страв од избори, ама излезноста, а особено евентуалниот бојкот на најголемата опозициска партија – којшто станува сè поизвесен – може да фрли голема сенка над наредните години. Но, тука политичките одлуки се примарни, и приоритетни (иако и науката можеби би имала што да каже, ама таа е, како што реков, преспора за такви ситуации!), но и одговорноста е нивна! А во таа насока, Заев го спомна зборот иритација – односно дали гласачите, генерално, ќе бидат иритирани од инсистирањето на избори, дали поединечните гласачи (особено оние од 67+) држат инает од lockdown-от, дали кога ќе дојдат партиските емисари на врата воопшто и ќе им отворат… Сè се тоа големи непознаници што стојат пред политиката, ама и пред науката (ако таква има кај нас!).

Ама, ама… од друга страна, повторно и политиката и Заев трчаат пред науката. Прераскажуваните „протоколи за изборите“ се толку смушени, нејасни, често звучат контрадикторно и контрапродуктивно, дури и смешно. И г-динот Заев повторно се заплеткува во објаснувања и се става пред епидемиолошките ескперти толкувајќи што и како ќе биде, колку тоа е сигурно за граѓаните и сл. Не сум сигурен дека е тоа работа на политиката. Тоа секако е работа на науката, особено на епидемиолозите, или на министерот за здравство… Но, ако министерот е цврсто зграпчен од канџите на политиката, ене ви го д-р Никола Пановски, човекот јасно и гласно вели да за избори ама големо НЕ за митинзи. И што тука не е јасно и за што уште треба да се разговара?

И како трето: секогаш кога читав, пишував, размислував… за распуштеното Собрание и инаетот и некултурата на Џафери, мислев на проф. Шкариќ како еден од малкуте врвни експерти кај нас во оваа област. Поточно, си велев: добро, зошто човекот не се јави, макар со две реченици, зошто не ги расчисти маглите што надвиснаа над ова прашање, оставајќи ни нам лаиците, но и на некои самопрогласени експерти, да дебатираме до утре сабајле? Конечно – човекот се јави и ја растера маглата, давајќи му за право на (екс)претседателот на распуштеното Собрание. И прва мисла ми беше: да не му се јавил овој на Шкариќ, сосема службено – не би ме зачудило – и да побарал негово толкување, па после се држел до него како слеп за стап глумејќи дека тоа е негов став? Не знам, не сакам да го обвинувам човекот, дури треба да се извинам што го нарекував инаетчија и тврдоглав. Ама тоа само за толкувањето на категоријата „распуштено собрание“, не и за неговиот некултурен однос кон колегите пратеници кои не ги ни удостои со одговор. Никаде не пишувало дека тој треба да одговори! Ма није ваљда, пишува во основите на бон-тон дека на нечие барање треба да се одговори!!! Како и да е’, добро е што и таа дилема е разрешена со помош на науката, иако на мое „разочарување“. И предоцна. Ама, нели, некои тоа го сакаат жешко!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини