ЕДНИ КРАДАТ, ДРУГИ ПЛАЌААТ Цвета бизнисот со криптовалути во Македонија
Многу врева во јавноста крена последниот случај во кој дел од медиумите открија „фарма“ за копање на криптовалути, сместена во подрумските простории на ГТЦ, а ја поврзуваат со двајца синови на еден поранешен пратеник во македонското собрание.
Во Македонија сè повеќе се зголемува бројот на лица кои копаат криптовалути, но надлежните откриваат дека поголем број на т.н. „фарми за криптовалути“ се незаконски приклучени на системот за напојување со електрична енергија.
Многу врева во јавноста крена последниот случај во кој дел од медиумите открија „фарма“, сместена во подрумските простории на ГТЦ, а ја поврзуваат со двајца синови на еден поранешен пратеник во македонското собрание.
Според извештајот на МВР, на самото место не било утврдено крадење на електрична енергија, дело кое според Кривичниот законик е предвидена казна до пет години затвор. Вчера се обидовме да стапиме во контакт со директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, но тој не одговараше на нашите повици.
Според инфомациите до кои дојдовме, проблемот со спорниот подрумски простор од 172 м2 е тоа што во нив е поставена струја која е доволна за осветлување на просториите и за која сопствениците или закупувачите плаќаат паушално по 20 денари од квадрат.
– Во нашите дуќани имаме броила за струја кои се во сопственост на ГТЦ, но и покрај тоа плаќаме паушално. Во последните неколку години можеме да забележиме значителен раст на сметката за електрична енергија и претпоставуваме дека тоа е последица токму со тоа што се случувало во подрумските простории. Како што се шпекулира, лицата кои го имаат закупено подрумскиот простор, најверојатно во согласност и знаење на директорот, од неколкуте трафостаници преку кои се распределува струјата низ ГТЦ имаат на диво приклучено кабел со кој добиваат појака струја – вели нашиот соговорник кој сакаше да остане анонимен.
Тој додава дека незаконски потрошената електричната енергија ја плаќаат сите сопственици и закупци на деловен простор во ГТЦ, а за тоа никој од официјалните лица не може да не знае.
Прв кој реагираше и го посочи овој проблем во Македонија беше претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, кој истакна дека зголемената потрошувачка на електрична енергија во земјава се должи и на копањето дигиталните валути.
– Особено во делови на Скопје. Покрај тоа, имаме и нелегално преземање на струја. Од податоците што располагаме, електродистрибуција веќе има фатено поголем број потрошувачи и домаќинства кои копаат и нелегално се приклучуваат на јавното осветлување – изјави тогаш Бислимовски.
Од компанијата ЕВН за Плусинфо истакнуваат дека кражбата на електрична енергија е феномен кој е присутен низ целата земја, карактеристичен за објекти, но истовремено и за копање криптовалути.
– Надлежните државни институции и ЕВН секојдневно се соочуваат и се борат против овој феномен кој предизвикува огромни штети и последици, особено во ваков сензитивен период. Секако, најголемиот дел од кражбите се во големите урбани средини каде што и концентрацијата на потрошувачи е најголема. Факт е дека посебно во скопскиот регион е зголемено копањето на криптовалути – нè информираа од ЕВН.
Според енергетските согласности домаќинствата се ограничени на потрошувачка од 11 KW. Нелегалното користење на електрична енергија може да доведе до преголема оптовареност на трафостаниците која резултира со сериозни оштетувања па и горење на самите трансформатори. Од компанијата велат дека најголеми проблеми се забележани во Скопје, Тетово, Арачиново, како и во Чаир, Ченто и Шутка.
– Доколку едно домаќинство одлучи да инсталира компјутери за копање на криптовалути, тоа значи дека може да потроши енергија за 20 или за 30 домаќинства, што го нарушува напојувањето на сите соседни корисници на таа напојна точка – велат од ЕВН.
Со цел да се избегнат високите сметки, кои за копање криптовалути често се пресметуваат и во стотици евра, според податоците од компанијата „рударите“ сè почесто прават паралелни диви приклучоци, со паралелни кабли со многу поголеми пресеци и така ја крадат струјата и ја нарушуваат целата околина.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за Плусинфо информираат дека на територијата на целата земја во првите девет месеци од годината регистрирани 146 кривични дела и 147 сторители поврзани токму со кражба на електрична енергијата.
– Само од страна на СВР Скопје во 2021 година се евидентирани се 41 кривично дело по член 235а од Кривичниот законик „Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ при што се поднесени 40 кривични пријави против 45 сторители. Од извршените дополнителни проверки во евиденциите на Единиците за внатрешни работи утврдено е дека 3 (три) кривични дела извршени од 4 (четири) сторители се однесуваат на „Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ со приклучување на компјутерска опрема на електрична мрежа со цел дигитално ископување на крипто валути – биткоини и етериуми – велат од министерството.
Дарко Симуновски, сертифициран познавач на криптовалутите, за Плусинфо изјави дека со околу 10.000 долари влог „рударите“ би имате профит преку 600 евра нето месечно за копање Биткоин со пресметани трошоци за струја од околу 250 евра.
– Сè уште (пред да се смени алгоритамот за мајнинг од POW во POS) може да се рудари Етериум со купување (или доколку имате) хардвер над 1.500 евра влог што би давал приходи од над 150 евра нето месечно, покрај сметка за струја што би била околу 70 евра месечно – ни објасни Симуновски.