НЕИЗВЕСНО Е ДАЛИ ЌЕ СЕ ОДВИКНЕМЕ ОД ПЛАСТИЧНИТЕ КЕСИ Тази пластика не е пластика?!

И со овој закон се иззема од забраната еден вид на пластични кеси, имено, пластичните кеси со адитиви наречени „оксоразградливи кеси“, за полесно да ѝ се продадат на јавноста како „еколошки“, предупредуваат еколозите. Но, во Министеството за животна средина велат дека и ваквите кеси се на удар на законот.

2,173

По теркот на Европа, и Македонија од 1 декември забранува употреба на пластични кеси. Но, забраната не е целосна бидејќи сѐ уште во употреба ќе бидат биоразградливите кеси, за кои граѓаните ќе плаќаат 15 денари парче. Дополнително ќе се употребуваат и многу лесните пластични кеси за носење на стоки, кои ќе бидат бесплатни. Ова беше практика и досега.

Новина е тоа што со овој закон се забрануваат пластичните пакување за еднократна употреба во угостителските објекти, но забраната важи за тие кои работат во заштитените подрачја.






Парите собрани од наплатата на кесите ќе треба да завршат во фонд формиран од Министерството за екологија и ќе се користат за подигање на свеста на граѓаните да не користат пластика.

Невладиниот сектор е незадоволен од законското решение, а граѓаните имаат различно мислење за употребата на пластиката.

– Се навикнавме со пластиката, зашто сакаме да ни биде лесен животот. Купуваш пластичен прибор кој се фрла по употреба. Не носиш торба кога купуваш. Го собираш отпадот од дома во истата кеса од продавница. Сето тоа го правиме без да размислиме што се случува потоа со кесата или со приброт кој ќе го фрлиме. Сепак, сметам дека ако сакаме подобар живот за себе и за идните поколенија, ќе биде добро пластиката целосно да се забрани за употреба. Ова решение нема многу да нѐ одучи од купување кеси, 5,10, 15 или 20 денари не менува многу во лагодноста, но ако цената биде неколкукратно повисока, секој ќе се подзамисли пред да се одлучи за пластика – вели помлад скопјанец.

Од Иницијативата за забрана на пластични кеси сметаат дека ваквото законско решение само ќе ја ублажи лошата состојба со пластичен отпад во земјава, но според нив, загрижува фактот што и новото законско решение не ја забранува  оксопластиката и еднократната пластика, што е спротивно на европската регулатива.

– Она што сакаме да го нагласиме е дека и со овој закон се иззема од забраната еден вид на пластични кеси, имено, пластичните кеси со адитиви наречени „оксоразградливи кеси“, за полесно да ѝ се продадат на јавноста како „еколошки“. Тоа, пак, овозможува нашата земја да биде преплавена со пластични кеси, и покрај тоа што тие се законски забранети – велат од Иницијативата.

Според нив, земјава е преплавена со пластични кеси, а токму тој отпад се вбројува како еден од главните загадувачи на околината. Нивното одвојување од другиот отпад е сложен процес, а разградувањето трае со години. Процесот на создавање на микропластика е најинтензивен кај оксопластиката (пластика со адитиви) – онаа од којашто се направени најголемиот број кеси кај нас.

– Пластичните кеси, заедно со останатата пластика за еднократна употреба, се релативно мал дел од вкупниот пластичен отпад. Но, штетата што ја предизвикуваат е огромна, како во естетска смисла, така и од аспект на натрупување на ѓубре и загадување на природата со микропластика; имајќи предвид дека еднократната пластика не се реупотребува ниту пак се рециклира – велат од Иницијативата.

Според нив  уште пострашно е што  ваквите кеси, со години, преку подзаконски акт донесен токму од Министерството за животна средина, неосновано се етикетирани и се продаваат како „биоразградливи“.

– Со Правилникот за стандардите за биоразградливост направено е двојно кршење на Законот. Првиот пат во членот 3, каде што речиси сите сектори се изземени од забраната, Вторпат, во членот 4, со усвојување на стандарди што дефинираат оксоразградливост наместо биоразградливост – велат оттаму и очекуваат ова да се промени со донесувањето на новиот правилник.

Од Минитерстовото за животна средина велат дека во забраната се вклучени и спорните оксоразградливите пластични кеси.

– Да, забранети се – ни рекоа од Министерството.

Во земјава, според последниот Извештај на министерството за животна средина од 2020 година, коj се базира врз податоци на компаниите кои управуаат со отпадот од пакување, на пазарот се пуштени 31.750 тони пластика. Постапувачите со отпад собрале 21.055 тони, а преработени се само 6.737 тони пластика. Нема податок колку од овој отпад се пластични кеси.

Лани, Асоцијацијата за управување со отпад на Стопанската комора излезе со податок дека во земјава годишно се употребуваат меѓу 120 и 150 милиони пластични кеси, а тоа се близу 2.000 тони пластика. Тоа е од 2 до 3 отсто од вкупниот отпад од пакување, но волуменски е многу.

Податоците на Државниот завод за статистика пак покажуваат дека лани компаниите во земјава произвеле 5.000 тони пластична амбалажа вреќи и кеси.

Европските земји сѐ се поблиску до целосно забранување на употребата на пластични кеси преку две можности. Дел од нив избраа радикално да ја зголемат нивната цена за да ги натераат потрошувачите да не ги купуваат. Другите, пак, целосно ја укинаа употребатана ваквиот вид кеси.

Од средината на годинава Европска унија ги забрани за употреба ламките, пластичните чинии и прибори за јадење како и други пластични производи за еднократна употреба. Планот на ЕУ е до 2030 година целиот пластичен отпад да може да се рециклира.

Поврзани содржини