Нечиста совест
Дали Венко Филипче и Зоран Заев биле посредници или олеснувачи на зделката за продажбата на болницата на д-р Жан Митрев? И дали целата драма околу „нечистата крв" на д-р Жан Митрев беше режирана со намера да се намали цената на неговата болница и да им се овозможи на потенцијалните купувачи да ја купат по далеку пониска цена од нејзината реална вредност?
Би сакал да верувам дека Жан Митрев навистина од 2019 година води разговори и преговори со странски компании за продажба на удели во неговата болница. И дека во најавената аквизиција од страна на холандскиот инвестициски фонд „Балкан алајанс хелткер“ нема ништо спорно.
И би сакал на д-р Жан Митрев, на купувачот „БАХ“ и на сите засегнати со оваа зделка да им упатам искрени честитки.
Кога тоа ќе биде можно, се разбира.
Сега, за жал, тоа не е можно. Барем додека не се расчистат многу прашања поврзани со оваа зделка и со нејзината заднина. Некои од тие прашања новинари од повеќе медиуми веќе ги поставуваат јавно.
Впрочем, таков е редот и никој не треба да се лути. Најмалку д-р Митрев. Веста за аквизицијата е објавена во време кога тој е на обвинителна клупа за кривичното дело измама, а против него и против неговата болница се води жестока медиумска кампања под „кодното“ име „Нечиста крв“.
Кон веќе поставените прашања од страна на моите колеги, јас ќе се придружам со следниве седум:
1. Дали македонските власти знаат кој точно стои зад „Балкан алајанс хелткер“ и прецизно кои лица се инволвирани во сопственичките и во менаџерските структури на овој фонд и на неговите балкански филијали, каква што е „Американ хоспитал“ во Тирана, на пример?
Да потсетам, поранешниот премиер Зоран Заев, поранешниот министер за здравство Венко Филипче, поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев и актуелниот јавен обвинител Љубомир Јовевски имаат долга и прилично неславна историја на најмалку еден обид да влијаат и да спречат, всушност, аквизиција на приватен оператор во здравствениот сектор. Во тој случај е извршен класичен рекет, а сторени се и сè уште се сторуваат други тешки повреди на законите.
Но, на тој случај, за кој еднаш пишував и отворив афера после која Ден Дончев избега од Македонија, пак ќе се осврнам во некоја друга прилика. Наскоро ќе се случи тоа.
Поентата ми беше во следново – ако Жан Митрев и купувачот на неговата болница за зделката разговараат и преговараат од 2019 година, како што вели докторот, дилемата е дали Заев, Филипче, Дончев и Јовевски знаеле нешто за овие преговори и за заинтересираните страни? Дали провериле дали е сè чисто?
2. Некои колеги веќе открија дека централен лик кој стои зад „Балкан алајанс хелткер“ и зад зделката со д-р Митрев е контроверзниот албански бизнисмен Клодијан Алајбеу. Кој, како што читам, има и свои фирми и бизнис интереси и во Македонија. Ништо страшно, но сепак прашувам – дали е тоа точно?
3. Ако ликот Клодијан Алајбеу навистина има врски со зделката со Жан Митрев, како што откриваат некои мои колеги (на пример, порталот 360 степени), би сакал да прашам дали тој лик има некаква врска и со бизнисот за стерилизација на хируршки инструменти за Клиничкиот центар, кој е јавно-приватно партнерство?
Дополнително, би сакал јавно да прашам дали поранешниот министер Венко Филипче има некаква врска со тоа и дали органите на прогонот (покрај една политичка партија) некогаш се интересирале за тој случај?
4. Дали бизнис интересите на моќниот и несомнено способен бизнисмен Клодијан Алајбеу се протегаат и на Кванташкиот пазар во Скопје? Ако е така, јас верувам дека и тука нема ништо спорно, но сепак јавноста треба тоа да го знае. А треба да знае и дали луѓе од поранешната влада на Зоран Заев, вклучувајќи го и него самиот, имаат некаква врска со таа работа.
5. Би сакал јавно да прашам дали Венко Филипче и Зоран Заев биле посредници или олеснувачи на зделката за продажбата на болницата на д-р Жан Митрев? Ако не биле, никому ништо. Но ако биле, прашувам – кој бил нивниот интерес?
6. Дали целата драма околу „нечистата крв“ на д-р Жан Митрев беше режирана со намера да се намали цената на неговата болница и да им се овозможи на потенцијалните купувачи да ја купат по далеку пониска цена од нејзината реална вредност?
Ќе бидам индискретен и јавно ќе посведочам дека ова го имам слушнато лично од д-р Митрев. Нека повели нека ме демантира, ако смета дека тоа би било чесно од негова страна.
Патем речено, не ми е јасно и уште едно техничко, но важно прашање: дали имотот на д-р Жан Митрев е замрзнат, или сепак е слободен за продавање?
7. Дали некои новинари, со својата долготрајна и жестока кампања на оцрнување на д-р Митрев и на неговата болница, директно или индиректно влијаеле врз реализацијата на зделката, во која д-р Митрев веројатно влегува со големи надежи и очекувања и во поглед на своите шанси во судскиот процес што е во тек?
Со каква цел влијаеле? За чии интереси? Дали е тоа тој јавен интерес, во чие име се водеше кампањата? Што добива сега македонското здравство? Што добиваат пациентите во Македонија? Кој, всушност, добива, а кој губи?
Јас сум сигурен дека крајот на оваа рашомонијада ќе ја исфилтрира нечистата совест на некои новинари, но никој да не очекува јас да се занимавам со тоа прашање. Не, тоа е прашање со кое сега веројатно ќе треба да се позанимава пошироката новинарска заедница. Но, ќе видиме …
Што се однесува до надежите и очекувањата на д-р Жан Митрев, кому навистина му посакувам сè најдобро – ова бесплатно, како и секогаш до сега – ќе му порачам само една работа. Да се сети докторот на онаа стара муртинска, која јас ја патентирав – со мајмун шах не се игра!