НЕ СУМ МУ ДАЛ ПАРИ ВО КЕШ НА ГРУЕВСКИ Божиновски одговараше на прашања за сефовите
Немам таков рецепт, им одговори Мијалков на новинарите пред да влезе во судницата на прашањето „кој е рецептот за милионите“, кое алудира на неговата гаранција од 11 милиони евра.
Поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, во својство на сведок во случајот „Плацови на Водно“, денеска изјави дека до обвинетиот Никола Груевски, никогаш не доставил пари во готово. Тој посочи дека нема информација во однос на прашањето дали обвинетиот Груевски, примал донации во негово отсуство.
Од страна на бранителот на Груевски, поставен по службена должност, сведокот Божиновски беше прашан и за тоа дали имало сеф во неговата канцеларија во Владата.
– Во Владата немаше сеф. Во канцеларијата во новата зграда на ВМРО-ДПМНЕ многу ретко сум влегол, може да се брои на прсти. Состаноците главно ги одржувавме во Владата. Не можам да се сетам дали имало сефови во старата зграда на ВМРО-ДПМНЕ. Во мојата канцеларија имаше две сефа, од кои едниот нефункционален – рече сведокот Божиновски.
Меѓу другото тој одговараше и за односот меѓу него како секретар на Владата и тогашниот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, за кого рече дека имал комуникација во однос на работата и дека никогаш од него не добил пари.
Пред да влезе во судницата обвинетиот Сашо Мијалков беше прашан од новинарите „кој е рецептот за милионите“, со алузија на неговата гаранција од 11 милиони евра.
– Немам таков рецепт – рече Мијалков.
Следното рочиште за овој предмет е закажано за 28 јануари. Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.
Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.