Не работи лифтот на Железничка, пероните 3 и 4 како „Монт Еверест“ за болните и за постарите

Наши читатели велат дека единственото нешто што им преостанува е да ги молат случајните минувачи или таксистите да им помогнат и да ги качат до перонот.

1,491

Постарите лица и лицата со инвалидитет веќе една недела мака мачат да се качат на воз на Железничката станица во Скопје. Причина е тоа што лифтот кој води од приземјето кон пероните 3 и 4, и обратно, не работи.

Наши читатели велат дека единственото нешто што им преостанува е да ги молат случајните минувачи или таксистите да им помогнат и да ги качат до перонот.






– Често го користам возот како превозно средство, но веќе цела недела не можам да се качам на перонот. Јас сум инвалид и се движам со помагало. Но, поради тоа што лифтот е надвор од функција, принуден сум да молам млади момчиња да ми помогнат да се качам до перонот – изјави наш читател, кој често патува на релација Велес-Скопје.

За одржување и сервисирање на лифтовите поставени во Железничката станица во Скопје е задолжено ЈП „Железничка инфраструктура“, а оттаму ветуваат дека лифтот ќе биде поправен уште денеска.

– Се очекува во текот на денешниот ден лифтот да биде поправен и ќе биде пуштен во функција. Жалиме за настанатата ситуација и се надеваме во иднина нема да имаме вакви проблеми – ни одговорија оттаму.

Од Јавното претпријатие додаваат дека компанијата која ги оддржува лифтовите кои се поставени на Железничката станица во Скопје, досега редовно ги решавала сите проблеми и ги одржувала, но поради пандемијата со ковид-19 имале проблеми со кадарот.

– Еднонеделниот прекин на работата на лифтот е поради тоа што лицата кои ги одржуваат и ги сервисираат лифтовите, биле заболени со ковид-19, па поради тоа беше одложена нивната интервенција врз споменатиот лифт – велат за Плусинфо од ЈП „Железничка инфраструктура“.

Поврзани содржини