НЕ ПРЕТЕРУВАЈТЕ СО ПРОТЕИНИТЕ Еве што велат нутриционистите
Препорачаниот дневен внос на протеини за возрасни е 0,84 грама на килограм телесна тежина - за мажи и 0,75 грама на килограм телесна тежина - за жени.
Со сè поголемиот тренд и советите за внесување повеќе додадени протеини, многу производители сè повеќе ја истакнуваат содржината на протеини на пакувањето за да си ја зголемат продажбата. Протеините се корисни бидејќи градат мускулно ткиво, ензими и хормони, со што имаат важна улога во функцијата на имунолошкиот систем, а исто така, обезбедуваат и дополнителна енергија. Но, нутриционистите и лекарите, сепак, потсетуваат дека прекумерниот и претераниот внос на протеини е штетен.
Препорачаниот дневен внос на протеини за возрасни е 0,84 грама на килограм телесна тежина – за мажи и 0,75 грама на килограм телесна тежина – за жени. За луѓето кои сакаат да ја зголемат својата мускулна маса преку тренинг со отпор, консумирањето до 1,6 грама на килограм телесна тежина дневно може да помогне во зголемувањето на силата и големината на мускулите. И, иако многумина веќе внесуваат доволно протеини, некои луѓе свесно, но непотребно додаваат уште повеќе протеини во својата исхрана – што е штетно.
Д-р Маргарет Мареј е нутриционистка и вработена во Универзитетот „Монаш” во Мелбурн, Австралија. Таа објаснува за порталот „Сајенс алерт“ (Science Alert) дека вишокот протеини не оди цел во урината и не се исфрла, туку останува во телото и има разни и различни последици. Дополнително, при некои медицински состојби мора да се избегнува висок внос на протеини.
– Луѓето со хронична бубрежна болест треба да го следат внесувањето протеини кај диететичар, за да избегнат натамошно оштетување на бубрезите. Покрај тоа, постои состојба позната како труење со протеини, којашто се јавува кога се внесува прекумерна доза протеини, а премалку масти, јаглехидрати и други хранливи материи – вели нутриционистката.
Протеините во исхраната може да доаѓаат од растителни извори – грав, леќа и житарки, како и од животински извори, на пр. јајца, млечни производи, месо и риба. Високиот внес на животински протеини е поврзан со зголемен ризик од дијабетес тип 2.
– Од друга страна, пак, прекумерното внесување на растителни протеини ја намалува опасноста од дијабетес тип 2, како и од рак, а го подобрува нивото на холестерол во крвта. Важно е да се има рамнотежа меѓу животинските и растителните извори, наместо само да се обидувате да додадете повеќе протеини во Вашата исхрана. Протеините, мастите и јаглехидратите работат заедно за да го одржат Вашето тело здраво – нагласува Мареј.
Таа додаде дека за да се зачува здравјето важни се сите макронутриенти, заедно со витамините и минералите во вистинските пропорции.