НЕ МОРА 10 ИЛЈАДИ, ДОВОЛНИ СЕ 7 ИЛЈАДИ ЧЕКОРИ! Експертите тврдат дека пешачењето го намалува ризикот од дури 13 видови рак

Пешачењето од 10.000 чекори дневно долго време се сметаше за еден од најдобрите начини за одржување на врвно физичко и ментално здравје. Но, според ново истражување, 7.000 чекори се доволни за да ги намалите шансите за развој на дури 13 различни видови рак.

120

Одењето му помага на телото да се бори против инфекциите што можат да предизвикаат рак и помага во одржувањето на здрава тежина.

Голема студија на Универзитетот во Оксфорд, која е објавена во British Journal of Sports Medicine, покажала дека 7.000 чекори дневно го намалуваат ризикот од развој на рак за 11 проценти. Додека за 9000 чекори, тој ризик се намалува за 16 проценти. Експертите не воочиле зголемена корист за здравјето при изведување на повеќе чекори.






Во студијата учествувале повеќе од 85.000 луѓе од Велика Британија, кои носеле уреди за следење на активноста во текот на една недела, со кои ја мереле количината и интензитетот на дневното движење, пишува Дејли Меил.

Истражувачите ги следеле учесниците шест години и откриле дека одењето помеѓу 5.000 и 9.000 чекори е поврзано со помал ризик од рак, без оглед на тоа колку брзо се оди.

Со пешачење против инфекции

Истражувачите ги испитувале карциномите на хранопроводот, црниот дроб, белите дробови, бубрезите, желудникот, ендометриумот, миелоидната леукемија, миеломот, цревата, главата и вратот, ректумот, мочниот меур и дојката кои претходно биле поврзани со ниска физичка активност. Во текот на шестгодишниот период на следење, само три проценти од учесниците развиле еден од наведените видови на рак.

Најчести биле ракот на дебелото црево и белите дробови кај мажите, а ракот на дојка, дебело црево, ендометриум и бели дробови кај жените. Заменувањето на седењето со лесна или умерена активност го намалува ризикот од рак, но заменувањето на лесната со умерена активност не нуди дополнителни придобивки.

Според Институтот за истражување на ракот, лесните вежби можат да помогнат во контролата на нивото на хормонот инсулин, кој му помага на телото да ја претвори храната во енергија. Флуктуирачките нивоа на хормони се поврзани со развојот и прогресијата на ракот. Исто така, е откриено дека одењето му помага на телото да се бори против инфекции кои би можеле да предизвикаат рак и помага во одржувањето на здрава тежина.

 

Ескалација на ракот кај младите луѓе

Од „Cancer Research UK“ посочиле дека прекумерната телесна тежина и дебелината се втора по големина причина за рак. Имено, вишокот маснотии испраќа сигнали до клетките во телото да се делат почесто. Кога се делат премногу брзо, тие можат да формираат канцероген тумор.

 

Биохемичарката и виш предавач на Универзитетот Лафборо, Мхаири Морис, објаснила за „The Conversation“ дека 7.000 чекори дневно не мора да се прават одеднаш, туку можете да ја направите оваа количина постепено, со замена на лифтот со скали, прошетка после  ручек, одење за време на телефонски повици или паркирање малку подалеку од вашата дестинација.

Секоја година во Велика Британија повеќе од 400.000 луѓе заболуваат од рак, додека 167.000 умираат од оваа болест. Лекарите неодамна алармираа за ескалацијата на епидемијата на рак кај младите луѓе. Се очекува дека 80.000 луѓе под 40 години ќе заболат од рак оваа година.

Еден од најбрзо растечките видови на рак во оваа возрасна група е ракот на дебелото црево. Според најновите податоци, се очекува раните дијагнози да се зголемат за 90 проценти кај луѓето на возраст од 20 до 34 години од 2010 до 2030 година.

Поврзани содржини