„НЕ ИМ НАПЛАЌАЈТЕ НА СТРАНСКИТЕ УМЕТНИЦИ КАКО ДА ВИ ДОЛЖАТ ВОЕНИ РЕПАРАЦИИ“ Говорот на министерката за култура на „Охридско лето“ ги налути охридските угостители
Ваквата изјава предизвика револт кај угостителите. Според нив „Охридско лето“ не е место за испраќање вакви пораки. Тие го оценуваат настапот на министерката за култура како политички.
Лавина реакции предизвика говорот на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на отворањето на 63. издание на фестивалот „Охридско лето“ во кој таа во еден момент алудираше на високите цени на услугите на охридските угостители.
– Поради Охридско лето и годинава на гости ќе ни дојдат многубројни уметници од целиот свет. Ги замолувам угостителите да не им наплатуваат како да треба да платат воена оштета или некои други ненамерни долгови од векови наназад – рече министерката за култура Костадиновска Стојчевска.
Ваквата изјава предизвика револт кај угостителите. Според нив „Охридско лето“ не е место за испраќање вакви пораки. Тие го оценуваат настапот на министерката за култура како политички. Тие додават дека цените на угостителските услуги во Охрид се пазарно формирани и не се разликуваат од сличните во развиени дестинации во регионот.
На изјавите на министерката реагираше и партијата ВМРО ДПМНЕ, која ја има локалната власт во Охрид.
Партијата побара извинување од министерката за култура за, како што вели, искажаните навреди не само кон угостителите, туку и кон сите охриѓани.
„Како можете да ги потценувате угостителите и нивните угостителски капацитети и услуги кон туристите? Со што им помогнавте како влада и Министерство, па сега уште и да ги навредувате за цените кои се формираат врз основа на многу фактори? Не министерке, ако имавте малку чест тогаш овие зборови ќе допреа до Вашата совест и никогаш немаше да ги изговорите. Како се грижите за културата кога годинава за „Охридско лето“, одобривте 2.000.000 денари помалку од минатата година за реализација на програмата? Што направивте како Министерка за култура за летната сезона да трае подолго време“ – се вели во соопштението на охридскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ, во кое се бара министерката Костадиновска Стојчевска веднаш да си поднесе оставка.