НЕ ГО ПЛАНИРАЈТЕ ДЕНОТ БЕЗ ЧАДОР Сончево утро, па дожд и грмежи
Сончево и топло време со температури до 25 степени, но попладне се очекува локален дожд и можни грмежи.
Времето ќе донесе вистински пролетен пресврт, денот ќе започне сончево и пријатно, но попладне се очекува промена со локален дожд и можни грмежи.
Според метеоролошката прогноза, ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност, додека во вториот дел од денот ќе има услови за повремен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер, претежно од јужен правец.
Утринските температури ќе бидат релативно ниски и ќе се движат од 2 степени во Берово до 8 во Гевгелија, додека дневните ќе достигнат од 17 степени во Маврово до пријатни 25 степени во Гевгелија.
Во Скопје ќе биде сончево со умерена облачност и слаб променлив ветер, со температури од 7 до 25 степени.
Во наредните денови следува постепена промена. В среда ќе има сончево време, но попладне ќе се развива нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Температурите ќе се движат од 3 до 25 степени.
В четврток, пак, се очекува значително заладување – ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, а на планините има услови дождот да премине во снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, особено долж Повардарието, со температури кои ќе се движат од 5 до 18 степени.