НЕ Е ТОЧНО ДЕКА НАШ ВРАБОТЕН САКАЛ ДА Ѝ ГО ЗЕМЕ ТЕЛЕФОНОТ НА КОСОВСКАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА Од ТАВ Македонија ги демантираат тврдењата на Кабинетот на Вјоса Османи
Насоките што ги доби нашиот Оддел за обезбедување од страна на Одделот за заштита на одредени лица и објекти јасно кажуваат дека членовите на делегацијата мора да поминат стандардна безбедносна проверка во согласност со утврдените процедури, велат од ТАВ Македонија.
„Категорично ги отфрламе наводите дека наш вработен од одделот за обезбедување се обидел да го одземе телефонот на косовската претседателка Вјоса Османи“, реагираше компанијата ТАВ Македонија откако денеска Кабинетот на Османи објави соопштение во кое се вели дека македонскиот граничар на скопскиот аеродром се обидел да ја турне претседателката и да ѝ го одземе мобилниот телефон.
„Телефонот ѝ беше побаран со цел да се подложи на задолжителен безбедносен скрининг преку уредот за рентген. Согласно Документот 30 (Doc.30) на ECAC и Националната програма за безбедност на цивилното воздухопловство, сите патници, кабински багаж и нивните лични предмети со кои патуваат на комерцијален лет, како во овој пример, се предмет на безбедносен преглед. Доколку не сме усогласени со овие правила, пилотот на летот ќе го одбие влегувањето во авион на патникот. Виенската конвенција за дипломатски односи ги ослободува од безбедносен преглед само официјалните гости на Владата на Република Северна Македонија, а операторот на аеродромот добива официјално известување за таквите изземања од Министерството за внатрешни работи. Насоките што ги доби нашиот Оддел за обезбедување од страна на Одделот за заштита на одредени лица и објекти јасно кажуваат дека членовите на делегацијата мора да поминат стандардна безбедносна проверка во согласност со утврдените процедури“, објаснуваат од ТАВ Македонија.