НЕ ДОЗВОЛУВАЈТЕ ДА БИДЕТЕ АЛАТКА НА ПАРТИЈА КОЈА ЖИВЕЕ ВО СПОМЕНИ Мицкоски вети дека и без протест ќе се реши проблемот со правосудниот испит

Премиерот оцени дека протестот е силно поддржан од опозициска партија која 20 години била на власт и не успеала да го реши прашањето.

265

По најавата за протестен марш утре пред Министерството правда, со кој, како што е најавено, учесниците ќе изразат незадоволство од неспроведување на Законот за употреба на јазиците во правосудниот испит, односно неможноста да го полагаат на албански јазик, премиерот Христијан Мицкоски ги повика „да не дозволат да бидат алатка во рацете на политичка партија, која сè уште живее во спомените, односно во минатиот век“.

На кандидатите што треба да го полагаат испитот тој им порача дека ќе биде најдено соодветно решение и за ова прашање.






– За жал, овој протест е силно поддржан од една опозициска политичка партија, која повеќе од 20 години не успеа да го реши ова прашање и сега е лицемерно на овој начин да комуницира со јавноста – рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција посветена на новите мерки за намалување на цените на горивата.

Тој додаде дека претходната влада го донесе Законот за јазиците, кој, рече, е „предизвикан пред Уставниот суд и е предизвикан токму оној дел што се однесува на правосудството“.

– Знаете дека за тој закон имаме негативно мислење од Венециската комисија, која вели дека треба да се напушти двојазичноста во правосудството бидејќи има предизвици што најчесто се поврзани со владеењето на правото. Имајќи го сето ова предвид, ние како Влада формиравме група од уставни експерти, кои работат на решение кое ќе биде и уставно, но исто така и во согласност со меѓународните стандарди. Така што, јас ги уверувам студентите дека онака како што се најдоа решенија за многу предизвици и за многу пропусти од минатото, така и за ова ќе се изнајде соодветно решение. Јас мислам дека тие тоа веќе го знаат и мојот апел е да не дозволат да бидат алатка во рацете на политичка партија, која сè уште живее во спомените, односно во минатиот век – рече Мицкоски. 

Поврзани содржини