НБ: И во вонредни услови банките, штедилниците, менувачниците продолжуваат да работат
По објавувањето на вонредна состојба од страна на претседателот Стево Пендаровски, Народната банка на Македонија објави соопштение во врска со работењето на банките, штедилниците, менувачниците и правните субјекти коишто даваат услуга брз трансфер на пари.
– Ве известуваме дека и по прогласувањето на вонредна состојба, финансиските институции за коишто Народната банка е надлежен регулаторен и супервизорски орган (банки, штедилници, менувачници и правни субјекти коишто даваат услуга брз трансфер на пари) продолжуваат да работат и да ги извршуваат своите клучни функции, со што нивните услуги и натаму ќе ви бидат достапни. Како што веќе известивме, ние сме во постојан контакт со овие финансиски институции и тие се подготвени да ви ги овозможат нивните услуги и во вонредни околности – велат од НБРСМ.