​НАУЧНИЦИТЕ ОТКРИЈА ШЕЌЕР ВО СРЦЕТО НА МЛЕЧЕН ПАТ!? Откритието дава насоки за потеклото на живот на Земјата

Откритието ја поткрепува претпоставката дека клучните хемиски состојки неопходни за појавата на животот постоеле долго пред формирањето на Сончевиот Систем.

173

За првпат е потврдено присуство на „вистински“ шеќер во меѓуѕвездениот простор, што ја зајакнува теоријата дека основните состојки за животот постоеле уште пред да се формира Сончевиот Систем.

Меѓународен тим научници откри молекула на шеќер во меѓуѕвездениот простор, во близина на центарот на Млечниот Пат, што претставува едно од најзначајните откритија во истражувањето на потеклото на животот.






Истражувањето, објавено во списанието Nature Astronomy, го потврди присуството на еритрулоза – сложен шеќер со четири јаглеродни атоми – во огромен облак од гас и прашина, оддалечен околу 26.700 светлосни години од Земјата.

Научниците наведуваат дека станува збор за првиот „вистински“ шеќер откриен во меѓуѕвездениот простор, што дополнително ја поткрепува претпоставката дека клучните хемиски состојки неопходни за појавата на животот постоеле долго пред формирањето на Сончевиот Систем.

Истражувањето го предводела астрохемичарката Изаскун Хименес-Сера од Центарот за астробиологија во Шпанија. Нејзиниот тим ги анализирал хемиските сигнали од молекуларен облак во близина на центарот на нашата галаксија со радиотелескопите Yebes 40 m и IRAM 30 m, а потоа ги споредил резултатите со лабораториски мерења, со што било потврдено присуството на еритрулоза.

– Тоа беше прекрасно совпаѓање. Срцето почна силно да ми чука – изјави Хименес-Сера, опишувајќи го моментот на откритието.

Научниците одамна претпоставуваат дека астероидите и кометите донеле органски молекули на младата Земја пред околу четири милијарди години. Иако различни шеќери претходно беа пронајдени во метеорити и во примероците донесени од астероидот Бену, досега немаше докази дека тие се создаваат уште порано – директно во меѓуѕвездениот простор.

Новото истражување покажува дека еритрулозата може природно да се формира на ледени честички од космичката прашина, без присуство на живи организми. Тоа значително го менува досегашното разбирање за начинот на кој настануваат сложените органски соединенија.

Авторите сметаат дека ова откритие отвора можност и други молекули важни за појавата на животот да се распространети низ Млечниот Пат, па дури и во други галаксии. Денес е познато дека меѓуѕвездениот простор не е хемиски „празен“, туку претставува вистинска космичка лабораторија, во која досега се идентификувани повеќе од 300 различни молекули.

Поврзани содржини