НАУЧНИЧКАТА ПОЗНАТА КАКО МАЈКА НА ОЗЕМПИК ОДРЖА ПРИСТАПНО ПРЕДАВАЊЕ ВО МАНУ Светлана Мојсов за откритието што го промени лекувањето на дијабетесот и дебелината

Научничката од Скопје, чии истражувања помогнаа да се постават темелите за современите терапии базирани на GLP-1, во пристапното предавање во МАНУ зборуваше за патот од првите истражувања до лековите кои го променија лекувањето на дијабетесот и дебелината.

0

Едно научно откритие направено пред повеќе од четири децении денес е поврзано со лекови кои станаа глобален феномен. Зад дел од научната основа на оваа приказна стои Светлана Мојсов, родена скопјанка која денеска (28.09) ја одржа пристапната беседа во Македонската академија на науките и уметностите, на тема „GLP-1: Хемијата е од суштинско значење: Од потенцијален пептид до ефикасни лекови за дијабетес и дебелина“.

Мојсов е родена на 8 декември 1947 година во Скопје, каде што завршила основно и средно образование. Во 1971 година дипломирала физичка хемија на Универзитетот во Белград, а една година подоцна заминала на докторски студии на Универзитетот „Рокфелер“ во Њујорк. Таму работела под менторство на нобеловецот Брус Мерифилд, пионер во хемијата на пептидите. Во докторската работа се занимавала со синтеза на пептиди во цврста фаза, а истражувањата кулминирале со синтеза на панкреасниот хормон глукагон.

Во 1983 година Мојсов се преселила во Бостон и почнала да работи во Одделението за ендокринологија на Општата болница во Масачусетс, а истовремено била инструкторка по медицина на Харвард и соработничка на Институтот „Хауард Хјуз“. Токму таму започнува истражувањето што подоцна ќе стане најпознатиот дел од нејзината научна кариера.

Во 1983 година била објавена секвенцата на човечкиот ген за препроглукагон. Мојсов претпоставила дека од него може да се добие биолошки активна форма на глукагон-сличниот пептид 1, односно GLP-1(7-37). Таа ги синтетизирала овие пептиди, развила методи за нивно издвојување и детектирање и покажала дека GLP-1 се произведува во цревата. Во соработка со Џоел Хабенер и Гордон Вир, истражувањата потоа покажале дека GLP-1 го стимулира лачењето инсулин.

Тоа бил клучен момент. Наместо само уште еден пептид, GLP-1 почнал да се гледа како молекула со реален терапевтски потенцијал. Истражувањата на Мојсов и нејзините соработници помогнале да се утврди неговата улога во регулирањето на глукозата и инсулинот, а подоцна било покажано и неговото влијание врз апетитот и телесната тежина. Низ годините станало јасно и дека рецепторите за GLP-1 се присутни во повеќе ткива, вклучително и во мозокот, панкреасот и срцето.

Нејзината работа подоцна била поврзана и со патенти за употреба на GLP-1 во лекувањето на дијабетес тип 2 и дебелина. „Рокфелер“ наведува дека овие патенти биле лиценцирани на „Ново Нордиск“, а истражувањата подоцна придонеле за развојот на цела нова генерација терапии.

Затоа Мојсов денес често ја нарекуваат „мајката на Оземпик“. Називот, сепак, е поедноставување на една многу поширока научна приказна. Таа не го измислила самиот Оземпик, туку нејзината работа на биолошки активниот GLP-1 дала клучен придонес кон научниот пат што довел до развој на современите GLP-1 терапии.

Овие лекови денес се познати и далеку надвор од медицината. Особено Оземпик и Вегови станаа дел од популарната култура, а нивното влијание врз телесната тежина предизвика огромен интерес, вклучително и меѓу јавните личности. Но, зад популарноста на лековите стои многу подолга медицинска приказна – од истражувања на хормонот и неговата функција до развој на терапии за дијабетес и дебелина.

Во последните години се отвори и друго прашање: употребата на овие терапии за естетско слабеење, вклучително и кај луѓе кои сакаат да симнат само неколку килограми. Трендот особено се забележува во светот на познатите, каде што промените во изгледот често се поврзуваат со употреба на GLP-1 лекови, иако не секогаш има потврда дека конкретна личност навистина користела таква терапија.

Во Македонија, пак, лекарите веќе се соочуваат со пациенти кои самостојно почнуваат да користат вакви лекови, по совети од пријатели, колеги или лица без соодветно медицинско образование. Дел од нив медицинска помош бараат дури откако ќе се појават проблеми или компликации.

Самата Мојсов во јавно достапните интервјуа не зазема директен став за употребата на GLP-1 лекови исклучиво за естетско слабеење. Нејзините изјави главно се насочени кон науката, механизмот на дејство и иднината на терапиите. Во разговор за „Рокфелер“ таа објаснува дека на почетокот не било очигледно дека GLP-1 може да биде стратегија за лекување на дебелината, а подоцнежните истражувања го промениле разбирањето за неговата улога.

По враќањето на „Рокфелер“ во 1990 година, Мојсов продолжила со научната работа, а во 2002 година била унапредена во истражувачка вонредна професорка. Во мај годинава, Рокфелеровиот универзитет ја унапреди во истражувачка професорка, признание за нејзината долгогодишна и сè уште активна научна работа. Нејзината работа во меѓувреме беше наградена со низа од најзначајните светски научни признанија, меѓу кои наградите „Ласкер“, „Принцезата од Астурија“, „Танг“, „Брејктру“ и „Кинг Фејсал“. „Тајм“ ја вброи и меѓу 100-те највлијателни луѓе во 2024 година.

Нејзината посета во Македонија беше проследена со повеќе признанија. Мојсов ја доби Светската награда на хуманизмот за 2025 година, а неодамна учествуваше и на Конгресот на хемичари и технолози во Охрид. На 26 септември претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ѝ го врачи Орденот „8 Септември“ за нејзиниот фундаментален придонес кон светската наука и афирмацијата на Македонија.

На денешното предавање во МАНУ, пригоден говор одржа академик Димитар Ефремов. Мојсов, која е членка на Академијата надвор од работниот состав, зборуваше за улогата на хемијата во истражувањето и развојот на GLP-1 – од молекула чиј потенцијал допрва требало да се разбере до терапии кои денес имаат огромно значење за лекувањето на дијабетесот и дебелината.

 

Поврзани содржини