НАСИЛНО ЗАДУШУВАЊЕ Е ПРИЧИНА ЗА СМРТТА НА ЗАГИНАТИТЕ ВО КОЧАНИ Кај четворица е утврдено задушување во стампедо

Во март се очекува за бидат завршени сите извештаи за направените обдукции. Можеби ќе треба малку повеќе време за да се изработат токсиколошките анализи кои што бараат време. Потоа сѐ ќе биде доставено до надлежното јавно обвинителство.

3,334

Причината за смртта кај сите 59 настрадани е настаната поради насилно задушување и е во директна поврзаност со пожарот во дискотеката „Пулс“, соопшти денеска на прес конференција проф. д-р Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина.

– Кај дел од нив се пронајдени изгореници, од прв и од втор степен. Кај тројца имаше изгореници од четврт степен. Меѓутоа, причината за смртта е задушување – рече Станков.






Во март се очекува за бидат завршени сите извештаи за направените обдукции. Можеби ќе треба малку повеќе време за да се изработат токсиколошките анализи кои што бараат време. Потоа сѐ ќе биде доставено до надлежното јавно обвинителство.

Облеката и личните предмети на загинатите кои се најдени за време на обдукциите се во Институтот и тие се во надлежност на јавното обвинителство.

– Што ќе се случи со нив ќе одлучи јавното обвинителство бидејќи тие утре можат да бидат земени како докази во една судска постапка – додаде Станков.

Тој објасни дека при пожари најчест гас е јаглерод моноксид, а може да се јават цијан водород и сулфур водород.

– Ние сега ги работиме токсиколошките анализи за да утврдиме што е присутно во крвта, но според макроскопскиот наод за време на обдукциите кај најголем дел од нив има јаглерод моноксид – рече тој.

Јаглерод моноксид е многу опасен гас, тој е без мирис, без вкус, делува на централниот нервен систем, ги онеспособува жртвите и смртта може да настане многу брзо за неколку минути во зависност колкава е концентрацијата. Гасот ги онеспособува жртвите да избегаат, постои главоболка, повраќање, вртоглавица, бессознание, дезориентираност, парализа на мускулите. Пламенот кој гори го троши кислородот.

Станков појасни дека обдукциите се еден вид материјални докази и дека е важна идентификацијата. Кај загинатите жени, личните документи не биле во нив.

Кај загинатите биле утврдени и скршеници на ребра, како и задушување поради притисок што се случува при стампедо. Такво задушување било утврдено кај четворица од загинатите.

Четворица се идентификувани само со ДНК, зашто не било возможно да се земат отисоци од рацете.

– Со брзо завршената работа овозможивме семејствата брзо да си ги погребаат своите најмили – рече проф. д-р Светозар Антовиќ, декан на Медицинскиот факултет, кој изрази сочувство и надеж за брзо опоравување на повредените.

Од вечерта на 16 март до претпладнето на 18 март се извршени 59 судско медицински обдукции со позитивна идентификација.

– Веднаш по добивање на информацијата за несреќата во утринските часови во рок од 1 час беа сите присутни на своите работни места и беше направен организационен план за прифаќање и работа со телата на починатите. Беше решено сите загинати да бидат донесени во Бутел и етапно да се носат по 15 тела. Како што беа завршени тие обдукции беа предавани на погребалното претпријатие и се носеа други – појасни Станков.

Биле формирани 6 тимови со двајца лекари специјалисти, еден помошник и еден вработен во лабораториите во Инстутитот.

– Секогаш кога имаме обдукции на масовни несреќи кои вклучуваат идентификација, се вклучуват тимови од МВР од Одделението за потраги и Одделот за дактилоскопија и идентификација. Имаше и помошен персонал од Институтот за патологија и еден лекар специјалист и помошник обдуцент од одделението за судска медицина во Тетово – рече Станков.

На располагање биле институтите во Гостивар, Штип и во Битола.

На првиот ден од несреќата на Станков му се јавиле колеги од Атина, Солун, Ниш, Белград, Приштина, Тирана, Сараево, и понудиле помош.

– Првично идентификацијата беше вршена во болниците со помош на препознавање и лични документи, но во услови на стрес тие методи не се доволно уверливи и може да се случат грешки. Затоа една од целите на обдукцијата беше да се изврши идентификација според протоколите на Интерпеол и според препораките на ЕУ. Се направи идентификација со помош на ДНК и со помош на дактилоскопија. Беше направен тим кој во два наврата појде во Кочани и зеде примероци од ДНК од блиски на загинатите, а некои кои беа во Скопје им беа земени примероци во Скопје – рече Станков.

Со позитивната идентификација е завршено на 19 март. Неколку пати се поверувале идентификациите за да не се случат било какви грешки.

 

Поврзани содржини