НАРОД СЕ ЖУРКА КАКО ДА НЕМА КОВИД Здравствените власти во лежерно издание пред празниците
И додека речиси целиот свет презема посериозни чекори во врска со ова прашање, кај нас како и претходно се доцни, а од Министерството за здравство за Плусинфо велат дека Комисијата за заразни болести на седницата што ќе ја одржи следната недела согласно анализите од епидемиолошката состојба во државата, ќе одлучи дали ќе даде нови предлог мерки.
Наместо да размислуваат за воведување нови мерки со цел спречување на ширењето на ковид-19, како и очекувањето на варијантата омикрон на коронавирусот во нашата земја, здравствените власти апелираат да се почитуваат усвоените протоколи од Владата за организирање настани, прослави во објекти, ресторани и хотели.
И додека речиси целиот свет презема посериозни чекори во врска со ова прашање, кај нас како и претходно се доцни, а од Министерството за здравство за Плусинфо велат дека Комисијата за заразни болести на седницата што ќе ја одржи следната недела согласно анализите од епидемиолошката состојба во државата ќе одлучи дали ќе даде нови предлог мерки.
Овие прашања ги поставивме до здравствените власти по бурните реакции во јавноста откако викендов се случија групни настани и концерти на кои од фотографии и видеоснимки се гледа дека лицата кои присуствувале ниту ги почитувале мерките, ниту држеле растојание. Организаторите во своите објави на социјалните мрежи велат дека настаните биле организирани според донесените протоколи од Владата, но граѓаните најмногу реагираат на тоа што на забави, прослави и слични настани, ниту се носат маски, ниту се држи растојание, а наспроти тоа децата во училиштата поминуваат повеќе часови носејќи маска со цел да се заштитат од коронавирусот.
Но што понатаму? Во периодот што следи се планирани многу концерти, забави, предновогодишни прослави, прослави за дочекот на најлудата ноќ во годината… Прашањето е ако останат актуелните мерки, дали ќе настапи зголемување на бројот на новозаболени од ковид-19, како и оптоварување на болничките капацитети во земјава?
Епидемиологот д-р Драган Даниловски за Канал 5 рече дека и Македонија треба да преземе нови мерки поради новиот сој на коронавирусот, да ја ограничи работата на клубовите и кафеаните и да ги затвори границите на неколку недели за да се забави инвазијата на новата варијанта.
– Сега веќе повторно доаѓа предвид повторно строго да се инсистира на маски и на растојание во затворен простор, кафеаните и клубовите. Ако се влоши епидемиолошката ситуација, доаѓа предвид и да се затворат, но мислам дека засега е доволно да се направат ограничувања на бројот на гостите – вели епидемиологот, според кого Македонија треба да го следи примерот на Израел.
Од 15 ноември граѓаните за влез во објекти мора да приложат сертификат/потврда за имунизација од вирусот ковид-19, односно за примени две дози на вакцината или, пак, потврда за прележан ковид во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.
Но како е на терен, одговори побаравме од Министерството за внатрешни работи, од каде што ни одговорија дека припадниците на МВР, како асистенција на надлежните инспекциски служби, учествуваат во засилените контролите на инспекторите.
– Само во периодот од 03.12.2021 до 09.12.2021 година, инспектори од Државниот пазарен инспекторат со асистенција на МВР извршија 362 контроли на угостителски и други објекти територијата на Република Северна Македонија. За време на контролите извршени се проверки за почитувањето на мерките и протоколите кои се во делот на нивната пропишана надлежност, согласно Законот за инспекциски надзор. При спроведените надзори, во три објекти на подрачјето на Тетово, било констатирано непочитување на мерките, односно биле затекнати и санкционирани едно лице со лажен сертификат и 4 лица без сертификат за примена вакцина. По целосно документирање на случајот ним ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци. Овие контроли ќе се интензивираат во наредниот период – велат за Плусинфо од МВР.
Оттаму додаваат дека за проверката при влез во објектите, за задолжително поседување, приложување и проверка на еден од следните документи: сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2 или сертификат/потврда за прележан ковид-19 ја врши редарска служба ангажирана од страна на правниот субјект.
– Притоа ангажираните редари вработени во лиценцираните агенции за обезбедување имаат овластување за легитимирање, а доколку вработените се посомневаат во можна злоупотреба на сертификатот можат да повикаат инспектори, кои во содејство со полициски службеници ќе извршат контрола на самото место – додаваат од Министерството.
Од МВР апелираат да се почитуваат мерките донесени од Владата, бидејќи при непочитување ќе следуваат соодветни поднесоци – доколку се утврди при контрола дека лицето приложува туѓ сертификат, против него ќе следува поднесок за сторено кривично дело.
– Потсетуваме дека користењето на фалсификуван сертификат претставува кривично дело, казниво по чл. 378 „фалсификување на исправа“ – казната може да е парична или казна затвор до 3 години, согласно Кривичниот законик. МВР апелира до секој граѓанин кој има сознание за постоење фалсификувани сертификати, да пријави во најблиската полициска станица или на 192 и да бидеме сите одговорни, бидејќи станува збор за заштита на нашето индивидуално здравје и здравјето на нашите најблиски – информираат од МВР.
Само за потсетување, министерот за здравство Венко Филипче за процесот на контрола од страна од сите инспекторати и од МВР побара системот да биде ажуриран, притоа додавајќи дека постојат електронски алатки, затоа што европските сертификати може да се преземат на сите видови паметни телефони, а притоа постои апликација којашто го покажува соодветниот КјуАр код, како и апликација која ја контролира валидноста на кој КјуАр код.
– Тие две апликации се мкволет и мкверифај кои се достапни за Андроид и иОС телефони, а со тоа ќе се избегне фалсификувањето на сертификатите. Ова е една мерка со којашто значајно ќе се зголеми бројот на вакцинирани лица – рече Филипче.