ПРАВЕЛ ДУБАРИ СО ВРЕЌИ ЗА ОТПАД Ексдиректор на струмичко комунално претпријатие пријавен за злоупотреба на 3 милиони денари
Пријавениот во 2022 година набавил вреќи за отпад од струмичка компанија, по фактури, во износ од 1.239.000 денари за потребите на претпријатието. Истата постапка ја повторил и во 2023 година, кога купил нова количина вреќи за отпад во вредност од 1.872.660 денари.
Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против 56-годишниот З.Г. од Струмица, поради основано сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 2 и 5, во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Како што информира МВР, пријавениот, кој бил директор на Јавното претпријатие за комунална дејност од Струмица, во текот на 2022 година за потребите на претпријатието набавил вреќи за отпад од струмичка фирма, по фактури, во вредност од 1.239.000 денари. Истото го повторил и во 2023 година, кога набавил нова количина вреќи за отпад во вредност од 1.872.660 денари.
Набавките биле спроведени без да се почитува законската процедура за јавни набавки и без да се распише конкурс за избор на идејно решение, со што З.Г. постапил спротивно на член 40 од Законот за јавни набавки.
Дополнително, како директор, З.Г. имал обврска да предложи годишен план за јавни набавки и да донесе одлука за набавка на средства неопходни за работењето на претпријатието. Тој не ја исполнил оваа обврска, со што го прекршил член 34 од Статутот на претпријатието.
Со ваквите дејствија, според наводите на полицијата, на правното лице од Струмица му овозможил да се стекне со противправна имотна корист во вкупен износ од 3.111.660 денари.