НАПАДОТ СО ДРОНОВИ ВО ЛАЈПЦИГ Е ДРЖАВНО СПОНЗОРИРАН ТЕРОРИЗАМ Сериозни обвинувања од ЕУ за Русија
Прашањето е што ќе преземеме во врска со тоа - изјави еврокомесарката Калас во пресрет на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на ЕУ во Ирска.
Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денеска изјави дека обидот за напад врз германскиот аеродром „Лајпциг-Хале“ за кој Германија ја обвини Русија, има карактеристики на „државно спонзориран тероризам“.
– Јасно е дека тоа ги има сите карактеристики на државно спонзориран тероризам. Прашањето е што ќе преземеме во врска со тоа – изјави Калас пред новинарите во пресрет на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на ЕУ во Ирска.
И другите министри зазедоа подеднакво остар став. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро го оцени нападот како дел од „долготрајниот обид на Кремљ да ја дестабилизира Европската Унија, нејзините демократски процеси“ и да ја ослаби поддршката за Украина.
– Нема да дозволиме ваков тежок чин да помине без последици – изјави Баро, додавајќи дека Франција ќе ги поддржи предлозите на Германија за санкции и ќе предложи мерки против дополнителни руски пловила.
Ирската министерка за надворешни работи Хелен Мекенти изјави дека Европа веќе ја надминала фазата во која едноставно се зборува за „хибридни закани“.
– Зборуваме за сериозна активност – рече таа, обвинувајќи ја Москва за „многу, многу јасен обид“ да ги подели владите на земјите членки на ЕУ и „да внесе страв кај граѓаните“.
Берлин во вторникот официјално ја обвини Москва за инцидентот од 4 август, кога околу аеродромот Лајпциг-Хале биле забележани три дрона натоварени со експлозив. Германија најави дипломатски контрамерки и планови за воведување нови санкции на ниво на ЕУ. Русија негира каква било вмешаност.

EPA/Bryan Meade
Калас додаде дека веќе се подготвуваат уште 1.600 ставки насочени кон рускиот воено-индустриски комплекс, кои треба да бидат вклучени во идните санкции.
На состанокот денеска во Ирска нема да биде донесена одлука. Сепак, таа рече дека Германија ја има политичката поддршка од партнерите во ЕУ:
– Ова е единствениот заеднички одговор што ни е потребен – рече Калас.