На здравје бричење и кратко потстрижуење!

32,543

Tриумфот на ДУИ и на албанскиот политички блок, првата победа на СДСМ на парламентарни избори после цели 18 години, првиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ после 14 години и подемот на партијата Левица се клучните резултати на годинешните парламентарни избори, одржани во сложени, пандемиски услови.

Четата на Али Ахмети триумфираше на овие избори, освојувајќи 15 пратенички мандати. Тоа е еден мандат помалку за ДУИ од освоените на изборите во 2002 година (кога коалицијата предводена од СДСМ, пак, освои 60 пратенички места). Но, резултатот на Ахмети сега е поспектакуларен, бидејќи е постигнат во услови на силна конкуренција во албанскиот политички блок и без имиџот на ДУИ како воена формација „пресоблечена“ во цивилна партија, која теренот го контролира со калашникови.






Општо земено, клучниот исход на овие избори, тој што ќе остане запишан во нашата политичка историја, е дека на овие избори политичките партии на Албанците освоија дури 32 места во парламентот – ДУИ предничи со 15, Алијансата на Албанците и Алтернатива освоија 12 мандати, ДПА на Менедух Тачи успеа да ќари 1 мандат, додека Беса во коалицијата „Можеме“ доби 4 пратенички места. За споредба, да потсетиме дека на парламентарните избори во 2016 година, вкупниот скор на албанските партии беше 20 пратенички мандати.

Како се случи албанскиот политички блок сега да биде побогат за 12 пратенички места? Одговорот на ова прашање треба да се бара во отпорот на избирачите Македонци да гласаат за коалицијата на СДСМ со Беса (една потемелна анализа веројатно ќе ја потврди тезата дека „виновници“ за ниската излезност во изборната единица 6 се Македонците, а не Албанците), но и во многу повисокиот степен на ефектуирање на гласовите на избирачите Албанци во освоени мандати.

Освен тоа, за разлика од избирачите Македонци, кои на овие избори гласаа „против“, повеќе казнуваа одошто наградуваа и гласаа и за партии што останаа без „плен“ при поделбата на мандатите, Албанците гласаа „за“ и нивните гласови во поголем обем завршија на контото на партиите што освоија мандати. Успехот на ДУИ, пак, партијата на која многумина ѝ предвидуваа пораз и експресно заминување во опозиција, меѓу другото, се должи и на фактот што Ахмети и неговата екипа на албанското гласачко тело му понудија и примамлив наратив за да се определат „за“ – премиер Албанец. Веројатно сите ќе се согласиме дека идејата главниот адут на идниот премиер да биде неговата етничка припадност е анахрона, но таа за Албанците сепак има битно значење, бидејќи претставува уривање на едно табу.

И сега, кога Албанците освоија повеќе од една четвртина од пратеничките мандати и кога е јасно дека ниту една од големите македонски партии не може да состави парламентарно мнозинство без ДУИ, идејата за премиер Албанец веќе и не изгледа невозможна мисија. Всушност, номиналниот победник СДСМ, со освоени 46 пратенички мандати, можеби и може да се потруди да оформи парламентарно мнозинство без ДУИ и без ВМРО-ДПМНЕ, но за да ја оствари таа цел, лидерот Зоран Заев ќе мора да ги ангажира сите „слободни“ пратенички мандати. Имено, сите 13 мандати на Алијансата на Албанците, на Алтернатива и на ДПА, како и двата мандата на Левица, би биле доволни да се стаса до магичната цифра 61. Но, за да се обезбеди каква-таква стабилност на новата влада, Заев веројатно ќе мора да „докупи“ неколку мандати од ВМРО-ДПМНЕ. Втората опција е Заев сепак да си го прегризе јазикот, да тропне на портата на Али Ахмети и да се соочи со тврдите позиции на ДУИ.

Оваа „весела математика“ покажува дека победата на СДСМ сепак е Пирова. Да се биде победник со освоени 46 мандати од вкупно 120, што ќе рече многу далеку од сигурноста што овозможува формирање безбедно парламентарно мнозинство, навистина е лош резултат, подобар само од резултатот на поразената ВМРО-ДПМНЕ. Победникот на изборите во 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ на Груевски, имаше 51 освоен мандат и предност од два мандата пред СДСМ, па не успеа да оформи парламентарно мнозинство. Лошиот, иако победнички резултат на СДСМ, сега му дава можност на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да се огласи како фактор кој има, како што вели, најголем кредибилитет да преговара за состав на новата влада и да се надева на успех во пазарењата кои допрва следат.

Настрана од ова, нема дилеми дека двете големи македонски партии на овие избори се казнети, секоја на свој начин. Со таа разлика што СДСМ, да повториме, може да се утеши сметајќи се за номинален победник на овие избори, факт што никој не може да го оспори. Во периодот што претстои, двете големи партии ќе мора темелно да ги анализираат своите постигнувања и да откријат како можеше да се случи на овие избори двете да завршат со скор близу до нивниот „оперативен“ минимум од 300.000 гласови. Нешто помалку од 313.000 гласови е лош резултат за партијата на Христијан Мицкоски, која на претседателските избори лани освои околу 380.000 гласови. И 324.000 гласови за СДСМ, од кои еден дел се придонес на Беса, е исклучително слаб резултат, за партија која во 2016 година дојде на власт без изборна победа, но имаше добри три години да се консолидира, да ги зграби лостовите на власта и во изборната кампања да настапи и со директно вбризгување кеш во народот, во форма на ваучери, зголемени плати и социјални трансфери и слично. Дури и ситуацијата да беше обратна – имено, партијата на Мицкоски, со гласовите што ги одлеаја маргиналците од Интегра, на пример, сега веројатно ќе беше победник – тоа битно немаше да го смени фактот дека двете големи македонски партии се казнети на овие избори.

Затоа, пак, после долгата доминација на бипартизмот, шанса да се пробие во парламентот доби Левица на младиот и контроверзен Димитар Апасиев. Во услови на нормална дистрибуција на мандатите, резултатот на Апасиев не би значел многу. Но, во вакви околности, двата пратеника на Левица вредат како дваесет, бидејќи тие можат да имаат одлучувачка улога и при составувањето на новото парламентарно мнозинство. Веројатно Апасиев уште сега ќе добие шанса да одлучи дали сака веднаш да го „наплати“ профитот, приклонувајќи се кон „големите“, или сепак ќе се определи да ја задржи независната позиција и чекор по чекор да го билда рејтингот на Левица и да ја подготвува за следните избори, за што сега има идеална платформа (парламентарната говорница) и идеален распоред на политичките сили во Собранието.

Пред изборите, но и за време на кампањата, многу се зборуваше дека на партиите им се неопходни реформи. Заев, од позиција на моќ, на сите им порачуваше дека треба да се реформираат: ВМРО-ДПМНЕ да замине во опозиција и да се реформира, ДУИ да замине во опозиција и да се реформира… Заборави на потребата и СДСМ да се реформира. Сега е јасно дека „големите“ ќе мора да ги анализираат своите слабости и внатрешно да се престројуваат, без оглед кој ќе биде на власт, а кој во опозиција. Да се надеваме дека тие престројувања ќе доведат до демократизација на сегашните султан-партии, до враќање на партискиот живот, а како последица на тоа можеби би имале и промена на изборниот модел за наредните избори.

Но, да бидеме реални. На реформите во партиите малку ќе причекаме, бидејќи во овој момент приоритет број еден е составувањето на новата македонска влада. Заев и Мицкоски, обајцата со свои аргументи, претендираат да бидат демиурзи на новото парламентарно мнозинство. Иако, за волја на вистината, во овој момент банка на маса држи тој што не вредеше ни „пет банки“. Али Ахмети.

На здравје бричење и кратко потстрижуење!

Поврзани содржини