📽️ НАЈСКАПИТЕ ОЛИМПИСКИ МЕДАЛИ ДОСЕГА Зголемените цени на металите ја подигнаа вредноста на одличјата на ЗОИ 2026
Металната вредност на златните и сребрените медали значително порасна поради растот на цените на скапоцените метали.
Спортистите кои ќе бидат одликувани со медали на Зимските Олимписки игри (ЗОИ) 2026 во Милано–Кортина ќе добијат најскапи олимписки медали во историјата, што се должи на континуираниот раст на цените на скапоцените метали на светскиот пазар.
Од последните Олимписки игри, што Париз ги организираше во јули 2024 година, цените на златото и среброто пораснале за 107 проценти (злато), односно 200 проценти (сребро).
Како резултат на тоа, металната вредност на златниот медал сега изнесува околу 2.300 американски долари, што е повеќе од двојно во споредба со вредноста на медалот за време на Летните олимписки игри во Париз. За споредба, вредноста на сребрениот медал достигнува речиси 1.400 долари, приближно три пати повеќе отколку пред две години.
Иако металната вредност пораснала значително, тоа не значи дека медалите се изработени целосно од скапи метали – традицијата, воведена уште на Олимписките игри во Стокхолм 1912, останува иста: златните медали не содржат чисто злато.
Според достапните спецификации, златниот медал содржи околу шест грама чисто злато во вкупна тежина од 506 грама, додека остатокот е составен од сребро. За разлика од нив, сребрените медали се изработени од сребро со соодветна чистота.
На ЗОИ 2026 Милано–Кортина, кои вечерва свечено ќе бидат отворени, се очекува да бидат поделени повеќе од 700 медали меѓу најдобрите светски зимски спортисти.