На полноќ почнува изборниот молк, ќе трае до среда во 21 часот
Утре први ќе гласаат оние коишто се во домашен карантин заради позитивен тест на ковид-19 и лицата на кои им е определена мерка самоизолација. Тие ќе гласаат во своите домови, а гласањето ќе го спроведе посебен избирачки одбор формиран од ДИК.
Денеска завршува изборната кампања и вечерва на полноќ почнува изборниот молк пред одржувањето на предвремените парламентарни избори, кои се закажани за в среда, 15 јули. Изборниот молк ќе трае до среда до 21 часот.
20 дена партиите и коалициите ја претставуваа својата понуда пред граѓаните преку презентирање на нивните програми што ги ветуваат за следниот четиригодишен период. Капмањата се вжешти пред крајот, во последниве неколку дена кога беа објавувани „бомби“.
За околу еден час, на полноќ, почнува изборниот молк а од утре почнува гласањето, кое годинава за првпат ќе трае три дена поради актуелната состојба со коронавирусот.
Утре први ќе гласаат оние коишто се во домашен карантин заради позитивен тест на ковид-19 и лицата на кои им е определена мерка самоизолација. Тие ќе гласаат во своите домови, а гласањето ќе го спроведе посебен избирачки одбор формиран од ДИК, според Роковникот за одржување на изборите.
Немоќните и болни лица, хронично болните, времено раселените лица, лицата згрижени во посебни установи за вонсемејна грижа, како и затворениците и оние кои се во домашен притвор, ќе гласаат во вторник, ден пред одржувањето на изборите.
В среда, 15 јули, гласањето ќе започне од 7 часот, но ќе трае до 21 часот, односно ќе биде продолжено два часа, за разлика од претходните изборни циклуси.
Граѓаните ќе избираат меѓу кандидатите на 15 коалиции и партии. Право на глас имаат 1.814.263 граѓани запишани во Избирачкиот список.
Гласањето ќе се одвива според безбедносни протоколи за заштита на здравјето на граѓаните подготвени од Комисијата за заразни болести.