НА ОНКОЛОГИЈА Е ИЗВРШЕНО МАСОВНО УБИСТВО ОД ЛАКОМОСТ ЗА ПАРИ! Обвинителството да не помислува да биде „ангел чувар“ на криминалците, порача Ристески од ВМРО-ДПМНЕ

Ова претставува организирано и масовно убиство. Овде не знаеме колку луѓе ги изгубиле животите поради лакомоста за пари на одреден круг на луѓе внатре во клиниката – истакна пратеникот Петар Ристески во утринска емисија на Алфа телевизија.

428

Тоа што се случило на Клиниката за онкологија претставува организирано и масовно убиство, а јавниот обвинител се однесува како ангел чувар на криминалците – изјави Петар Ристески пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и член на собраниската Анкетна комисија за случајот „Онкологија“.

– После сите овие информации кои ги добивме и по целокупната работа од Анкетната комисија ќе следува заклучок. И можам да ви гарантирам со сигурност квалитетен заклучок бидејќи се разгледуваат многу материјали, многу извештаи од сите институции кои се вклучени. И ќе следува заклучок околу политичката одговорност, не сакам пред време да кажувам, но од ова што се гледа секако дека ја има – истакна пратеникот Ристески во утринска емисија на Алфа телевизија.






Ристески додаде дека Анкетната комисија ќе притиска за овој најгрозоморен скандал во здравството да има разрешница.

– Обвинителството ги има сите информации. Јавниот обвинител во овој момент, и во целокупната негова работа генерално претставува ангел чувар на оние коишто го кршат законот, на луѓето кои практикуваат криминал и корупција. И за тоа сме дојдени до оваа ситуација до каде што сме дојдени – укажа Ристески.

Тој посочи дека јавниот обвинител и МВР не треба ни да помислат да застанат во одбрана на вакво грозоморно случување во клиниката за Онкологија.

– Ова претставува организирано и масовно убиство. Овде не знаеме колку луѓе ги изгубиле животите поради лакомоста за пари на одреден круг на луѓе внатре во клиниката. И во јавноста, и во експертската јавност, и од она што досега од медиумите се доби како информации, може да се каже дека таму се води истрага по три основи. А, овие седум лица се осомничени само по еден основ. И што се случува сега со оние два основа, дали има осомничени, нема осомничени, тоа треба да одговорат овие од Јавното обвинителство, и од МВР. Од прашањата од нас пратениците на Анкетната комисија за работи кои не им одговараат добро се затскриваат со реченицата истрагата е во тек, и не можеме да изнесеме многу информации – рече Ристески.

Тој посочи дека требало многу порано да реагираат Јавното обвинителство и МВР бидејќи, како што рече, „ДЗР има направено еден фантастичен извештај каде што се открива сиот криминал што се случувал во клиниката за Онкологија. Таму се наведени сите злоупотреби и неправилности на клиниката.“

Поврзани содржини