Порастот на новозаразени од коронавирусот во последните денови – денеска, 31 мај, регистрирани се 62 нови случаи – и повеќе од петстотините активни случаи, како и големиот број мртви, значат силна опомена дека е време за нов пристап и за нови мерки во борбата против пандемијата, но и за еден подновен експертски тим на првата линија на фронтот, бидејќи овој сегашниов објективно ја губи битката.
Откако нешто слично на ова напишав на Фејсбук, апологетите на власта и партиските ботови веднаш се накострешија и итно, иако во неработен ден (недела), постапија според протоколот пропишан од партискиот пи-ар за вакви случаи: итно се организираа и веднаш почнаа да ја мантраат последната мантра што ја слушнаа пред некој ден, лично од Зоран Заев. За сѐ бил виновен министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Е тој Наќе, по директива на Христијан Мицкоски (нормално), свесно ја саботирал борбата против пандемијата. И веројатно затоа некако успеал намерно да го зарази и потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири.
Добро, ова последново не се кажува, но затоа, пак, „филозофски“ настроените апологети на власта, упорно и онака фаталистички, го анализираат „менталитетот“ на нашиот народ. И заклучуваат дека на крајот, сепак, народот е виновен за сѐ, бидејќи е необразован, прост, некултурен и недисциплиниран. При тоа, под „народ“ посебно се мисли на еден дел од него, на луѓето од една посебна етничка и религиозна заедница, кои живеат во општините Сарај, Чаир и другите „такви“, нели, каде што вирусот навистина беснее…
Луѓе, дајте бре, освестете се и соочете се со вистината, колку и да е таа непријатна, а за некого и болна!
Народот во оваа наша Македонија, било македонски или албански, каков и да е, е истиот насекаде. Скоро ист. Јас не гледам голема разлика од Чаир до Струмица, на пример. Тој народ, таков каков што е, по својот менталитет не е многу различен од другите народи на Балканот. А бидете убедени дека што и да сториме, менталитетот нема да го смениме, барем не брзо, сигурно не додека трае битката со овој вирус.
Потсетете се, ве молам, не бевме сјајни, но и не теравме толку лошо со коронакризава, сѐ до оној момент кога прв пат се најави релаксација на мерките. Беше тоа ,чинам, некаде во периодот помеѓу Велигден и Први мај, а во очекување на Рамазан Бајрам. Тогаш се почна и со она интензивно лобирање за брзи избори. На 21 јуни, по секоја цена… И толку му требаше на народот да му шкљоцне. Народот можеби е виновен, не велам не, но тој беше охрабрен од власта да се опушти и да почне да се однесува недисциплинирано. Власта е таа што ја охрабри недисциплината и за време на големите верски празници. Македонците христијани излегоа поголеми „католици“ од папата, а Албанците и другите муслимани – поголеми верници од тие од Турција, на пример. Го умревме вирусот по кратка постапка. Зошто? Знаете зошто. Одлуката да им се попушти на верските водачи беше мотивирана од желбата на власта предизборно да им се додвори на граѓаните.
И мантрата „Наќе е крив“ веќе не врви. Барем кај тие што размислуваат со своја глава. Во нашиот здравствен систем, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) врши „инспекциски надзор над спроведувањето на законите и другите прописи донесени врз основа, меѓу другите, на здравствената заштита на населението, здравственото осигурување и евиденциите во областа на здравството – инспекцискиот надзор ги опфаќа просторот, објектите, просториите, уредите и опремата, дејностите и лицата кои на кој било начин можат да влијаат штетно врз здравјето на луѓето“.
Ова системско решение, поедноставено и појасно, пред некој ден го објасни и самиот министер Венко Филипче, одговарајќи на прашање на ,,Слободен печат” зошто имаме нови заразени, а се тврди дека кластерите се познати и се под контрола. Во Сарај, Чаир Гази баба Бутел и во Аеродром овие денови има најголема концентрација на новозазаразени, зашто не се почитуваат мерките на самоизолација, појасни Филипче. Тој додаде дека луѓето не кажуваат со кого биле во контакт, даваат лажни адреси и не може да им се достави решение на самоизолација. Со други зборови, министерот јавно призна дека епидемиолошки анкети во овие средини се компромитирани, а контролата на мерката самоизолација е неефикасна. И од тоа, се разбира, нема ништо поточно – Филипче ја зборува вистината.
Но, уште нешто битно ни кажува министерот, за контролата на мерката самоизолација. Цитирам: „Контролата се прави преку Државниот санитарен и здравствен инспекторат. ДСЗИ на ден или два ги контролира овие пациенти и оттуката констатацијата врз основа на увидот е дека има прекршување на тоа решение за изолација. Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој ги издава решенијата е практично одговорен и за контрола на процесот. Врз основа на овој увид кој што е направен вчера известено е МВР за соодветни казни“.
Сакате да ви повторам што прочитавте? Не мора, прочитајте самите уште еднаш што вели Филипче за тоа како функционира системот.
И од ова што го вели Филипче, се разбира, нема ништо поточно и пологично. МВР ниту е, а ниту може да биде овластен орган кој ќе решава кој треба да добие решение за изолација. Вработените во ова министерство не се стручни за такво нешто. Полицаец не е лекар. Полицајците исто така не се стручни да вршат контрола на мерката изолација. ДСЗИ е и стручен и одговорен орган тоа да го прави. Но, верно, полицијата може и треба да реагира по барање на органите на кои им е доверена оваа тешка и одговорна задача, да им пружи асистенција секогаш кога тоа е потребно и да презема други дејствија кои од неа ќе се побараат, но само во рамките на нејзините законски овластувања.
Јасно ли ви е кој за што е одговорен?
Значи, само во тој дел и само со таков капацитет на ресорот што го раководи, тој Наќе Чулев (кого не го познавам, прв пат за него чув кога стана министер) е и персонално соодговорен за масовното непочитување на мерката изолација и на сите други пропишани мерки за заштита на населението од ковид-19. Соодговорен со Оливер Спасовски, со Венко Филипче, со директорката на ДСЗИ и со многу други функционери од власта и од „својот“ ресор.
Во овој момент, на пример, Наќе Чулев не може самиот да одлучи на тв-водителката Душица Мрѓа и на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев да им се дадат решенија за изолација (бидејќи пред три дена беа речиси „гушнати“ со Зекири и без никаква заштита, во дебатна емисија на ТВ 24). Колешката Мрѓа и Јанушев треба да бидат самоизолирани, за нивно добро, како и за добро на нивните најблиски, но одлуката за тоа не ја носи Наќе „виновниот“, туку одговорните епидемиолози, додека контролата утре ќе ја спроведува ДСЗИ. Ако има потреба, МВР ќе пружи асистенција.
Патем речено, да сум јас на местото на тој Наќе, не би ја трпел оваа врева во јавноста ниту една минута, би си заминал од министерското место без размислување. Па нека дојде некој друг поербап, па тој нека нареди да се извадат водените топови, гумените куршуми и пендреците, па со нив право на „журка“ во Чаир, во Сарај… Тој филм сака да го гледа СДСМ, за да се случи уште една глупост, па да има утре уште една тема за критика на опозицијата и за свежа берба на политички поени кај Албанците, чии гласови сега на владејачката очајно ѝ требаат за да се одржи на тронот.
Уффф… Сите тие есапи ми се чинат толку безобразни и нечовечни, во време на една ваква закана за здравјето на луѓето, во вакви трагични околности, што ми се гади да пишувам за тие нешта. Затоа велам дека е крајно време одговорните луѓе кои имаат моќ да одлучуваат во оваа земја конечно да се сепнат и итно да ги променат пристапот и стратегијата во справувањето со пандемијата. Знам дека некои суетни ликови се ужаснуваат од таа помисла, знам дека не сакаат да им се скрши чаламот, ама изгледа дека сепак ќе мора, бидејќи здравјето на луѓето е поважно од нивната ароганција.
Не сум сигурен дека најавените општински карантини ќе ги дадат очекуваните ефекти. Убеден сум дека има и лепеза на други ефикасни мерки, испробани во други земји, кои можат да бидат попродуктивни. Но, запирам тука, бидејќи како лаик, не би сакал подновениот експертски тим, што го очекувам, сега да го оптоварувам со предлози кои би можеле да се доживеат како непожелен јавен притисок. Ова е време и на епидемија на суети…
Како и да е, втор пат жестоко апелирам: чините чаре, другарчиња! Има начин, можеме и мораме нешто итно да се стори да ги кутнеме овие страшни бројки. Чините чаре, барајте помош, барајте памет, зашто опасноста да се изгуби контролата веќе навистина станува смртно реална. На Македонија ѝ се потребни итна акција и брз позитивен пресврт!
На Наќе нема да се извадите. Тоа сигурно…