МУРТИНСКИТЕ ЦЕНТРИ НА МОЌ ПОЗАДИНСКИ МУ ГИ КРЕИРААТ ПОЛИТИКИТЕ НА ФИЛИПЧЕ Продолжуваат прозивките од ЗНАМ до лидерот на СДСМ
Сведоци сме на целосен молк од страна на Филипче и семејството Заеви во врска со компаниите во Бугарија, чии податоци Движењето ЗНАМ ги објави на прес конференција.
Деновиве, македонската јавност е сведок на еден загрижувачки политички наратив кој доаѓа од раководството на СДСМ, а со кој се прави очаен обид за релативизација на прашања од врвен национален интерес. Кога зборуваме за раководство, не мислиме на формалните членови на партиските тела, кои служат само како декор, туку на муртинските центри на моќ кои од позадина му ги креираат политиките на Филипче – пишува Движењето ЗНАМ во соопштение.
„Тезата дека „сите политичари се исти“ и дека поседувањето компании во странство е вообичаена пракса, претставува проѕирен маневар за да се прикријат вистинските мотиви зад политиките кои одат во прилог на бугарските позиции и да се заштитат огромните бизнис интереси, имотот и капиталот кои одредени структури ги поседуваат во Република Бугарија.
Постои фундаментална разлика помеѓу транспарентноста и молкот.
За разлика од заглушувачкиот молк на Филипче и семејството Заеви, претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, јавно и недвосмислено потврди дека во 2015 година, во период кога не бил носител на никаква јавна функција на државно ниво, со свои деловни партнери основал компанија во Бургас, Република Бугарија.
Станува збор за компанија која од своето основање до денес практично нема остварено никаков промет, факт кој е лесно проверлив и во јавните регистри.
Овој чин на транспарентност е доказ за одговорноста што еден политичар ја има пред граѓаните.
Од друга страна, сведоци сме на целосен молк од страна на Филипче и семејството Заеви во врска со компаниите во Бугарија, чии податоци Движењето ЗНАМ ги објави на прес конференција.
Јавноста се уште нема одговор на овие прашања:
Дали ги поседуваат посочените компании, POWER i8 Ltd, GOMASIDRA Ltd. и дали на истата адреса во Петрич, ул. „Гоце Делчев“ бр. 12, се појавуваат и други фирми поврзани со лица од фамилијата Заеви: „ОРИЕНТ ГРУП“ ЕООД, „РАДИША ТРЕЈД“ ЕООД, „ФАРМА ЕУ БГ“ ООД и „МЕДИКАЛ 420 БГ“ ООД.
Со кои дејности се занимаваат тие?
Колкав е капиталот и имотот што го поседуваат во соседната држава?
Овој молк отвора низа легитимни прашања за поврзаноста помеѓу приватните бизнис интереси и застапувањето на државните позиции.
На што се должи необјаснивото инсистирање на Филипче за итна и безусловна промена на Уставот, по секоја цена и со прифаќање на сите услови наметнати од Бугарија?
Кој здраворазумен граѓанин на Македонија може да поверува во тезите дека однесувањето на официјална Софија не го загрозува идентитетот на македонскиот народ, посебноста на македонскиот јазик, култура и историја?
Само политичар кој е уценет или е во длабок конфликт на интереси може да застапува вакви политики на отстапки кои се директно спротивни на долгорочните национални и државни интереси на македонскиот народ и на сите граѓани на Република Македонија.
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија цврсто и доследно стои на своите конзистентни ставови, јасно искажани во Платформата на националните црвени линии за македонското национално единство.
Нашиот став е принципиелен и непроменет, уставните измени, кои би го вклучиле бугарскиот народ и другите заедници во Преамбулата на Уставот, можат да стапат на сила исклучиво по приемот на Македонија како полноправна членка во Европската Унија, со целосни гаранции за заштита на нашиот идентитет, јазик и историја.
Секој поинаков пристап претставува откажување од националното достоинство и распродажба на највисоките државни интереси“ – се вели во соопштението од Центарот за комуникации и аналитика на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.