МОЖНО Е ХЕЈДЕН ПАНЕТИЈЕР ДА ПОЧИНАЛА ОД ПРЕДОЗИРАЊЕ Откриена е содржината на повикот до 911 откако холивудската ѕвезда била најдена без свест
Во снимката од повикот до итната служба диспечерот ја опишал состојбата на актерката Хејден Панетијер како срцев застој, а полицијата соопшти дека првичната истрага не покажала знаци на насилна смрт или сомнителни околности
Американската актерка Хејден Панетијер, позната по улогите во сериите „Heroes“ и „Nashville“, почина на 36 години, откако беше пронајдена без свест во станбен комплекс во Гринвил, Јужна Каролина. Според аудиоснимката од повикот до бројот 911, направен на 16 август во 13:51 часот, диспечерот ја опишал состојбата на актерката како „срцев застој“, додека неколку моменти подоцна друг диспечер споменал и сомнение за предозирање.
Полицијата и медицинските екипи пристигнале во комплексот Judson Mill Lofts, каде што Панетијер била затекната во безсознание. Полицајците и болничарите се обиделе да ја реанимираат со компресии на градниот кош, но не успеале да ѝ го спасат животот. Актерката била прогласена за мртва во 14:32 часот, нешто повеќе од 40 минути откако бил упатен првиот повик.
Според информациите што ги објави „Daily Mail“, на местото бил пронајдено и Narcan, назален лек кој се користи при предозирање со опиоиди. Сепак, важно е да се нагласи дека ова само по себе не е потврда дека Панетијер починала од предозирање. Корнерот на округот Гринвил при обдукцијата утврдил дека немало знаци на траума кои би придонеле за смртта. Важно е да се нагласи дека сомневањето за предозирање во моментов се базира на комуникацијата на диспечерот за време на итниот повик. Официјалната причина за смртта сè уште не е утврдена или објавена.
Полицијата потврдила дека случајот се истражува во соработка со Канцеларијата на корнерот на округот Гринвил. Од полицијата навеле дека „прелиминарната истрага не укажала на знаци на насилна смрт или сомнителни околности“, а повикот до 911 го упатило лице кое било познаник на актерката. Панетијер починала само неколку дена пред својот 37. роденден, кој требало да го прослави на 21 август.
Веста за нејзината смрт предизвика бројни реакции во Холивуд. Колешката од „Scream“, Мелиса Барера, напиша: – Почивај во мир, мила Хејден.
Селма Блер, коментирајќи ја нејзината последна објава на социјалните мрежи, напишала:
– Те сакам. Немој да си заминеш. Немој. Те молам.
Панетијер зад себе ја остава 11-годишната ќерка Каја, која ја доби во 2014 година со украинскиот боксер Владимир Кличко. Раѓањето на девојчето било животозагрозувачко за актерката – по породувањето имала силно крвавење, примила седум трансфузии на крв и била оперирана. Подоцна развила постпородилна депресија и се борела со зависност од алкохол. Во 2018 година одлучила целосното старателство над Каја да му го довери на Кличко, одлука за која во своите последни интервјуа отворено зборуваше.
Во своите мемоари „This Is Me: A Reckoning“, објавени во мај годинава, Панетијер детално пишуваше за најтешките периоди од животот – борбата со зависноста, проблемите со менталното здравје, губењето на својот помлад брат Џенсен и болката поради тоа што не живеела под ист покрив со својата ќерка.
– Не беше одлука што лесно ја донесов, ниту одлука што сакав да ја донесам – зборуваше таа за старателството. Во едно од последните интервјуа, пак, истакна дека ја сака Каја и дека е горда на младата жена во која таа почнува да расте.
Актерката почнала да работи уште како дете, а првата улога ја добила кога имала само 11 месеци. Подоцна се прослави со „Remember the Titans“ и како гласот на Дот во „A Bug’s Life“, а светската слава ја стекна како Клер Бенет во „Heroes“. Следуваше улогата на кантри-пејачката Џулиет Барнс во „Nashville“, за која доби две номинации за „Златен глобус“. Панетијер глумеше и во „Scream 4“ и „Scream 6“ како Кирби Рид. Нејзината смрт го прекина животот и кариерата на актерка која со години отворено зборуваше за своите најголеми борби, а конечниот одговор за тоа што точно довело до нејзината смрт сè уште се очекува од надлежните.