29 ПОЖАРИ ЗА ЕДНО ДЕНОНОЌИЕ, ШЕСТ СÈ УШТЕ АКТИВНИ Горат шуми и ниска вегетација, огнот стигна и до објекти
ЦУК регистрирал 29 пожари на отворен простор во изминатото деноноќие, 22 се изгаснати, а еден е ставен под контрола.
ШЕСТ ПОЖАРИ СÈ УШТЕ ГОРАТ ВО ЗЕМЈАВА – ОГАНОТ СЕ ШИРИ КАЈ НЕКОЛКУ СЕЛА
Во изминатото деноноќие во земјава се регистрирани 29 пожари на отворен простор, од кои шест се активни, еден е ставен под контрола, а 22 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Најсериозна е состојбата со пожарот во општина Студеничани, каде огнот зафаќа мешана шума на потегот Моране – Вртекица – Рамни Габер.
Активен е и пожарот во општина Македонски Брод, каде гори на повеќе локации – кај месноста Видуш во близина на селото Драгов Дол, како и кај селата Локвица и Девич. Зафатени се ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
Во реонот на Велес и Зелениково, пожарот кај селото С’лп, во месноста Горно Село, се шири кон Карабуниште и Бузалково, како и кон селата Добрино и Тисовица. Гори ниска вегетација, дабова и габерова шума.
Пожар има и во подрачјето на Јегуновце и Сарај. Зафатени се селата Копанце и Туденце, а огнот се шири кон Бојане, при што гори мешана шума.
Во општина Прилеп активен е пожарот кај селото Чаниште, каде се зафатени ниска вегетација и објекти.
Шестиот активен пожар е регистриран во општина Долнени, кај селата Вранче и Бело Поле, каде гори ниска вегетација.
Единствениот пожар кој во моментов е ставен под контрола е во општина Делчево, на градската депонија.
Во текот на изминатото деноноќие биле изгаснати уште 22 пожари на територијата на повеќе општини.
Меѓу нив се пожарите кај Количани и Пагаруша и во Батинци во Студеничани, кај селото Кажани во Битола, како и кај Алданци, Норово, Борино и Житоше во Крушево.
Во Прилеп се изгаснати пожари во месноста Точила, каде биле зафатени ниска вегетација и жито, додека во Ресен пожарот кај фарма зафатил садници со јаболка.
Изгаснати пожари се регистрирани и кај депонијата во Валандово, во Фурка во Дојран, во Мешеишта во Охрид, како и во Лабуништа и Делогожда во Струга.
Во Дебар се изгаснати пожари кај ХЕЦ „Шпиље“ и кај бањата Косоврасти.
Огнот бил локализиран и на депонијата во Росоман, во населбата Балканска во Штип, кај Табановце и на улицата Братство Единство во Куманово, како и кај депонијата во Железница во Кратово.
Во општина Желино изгаснати се пожарите кај Церово и Требош, додека во општина Врапчиште пожарот кај Неготино исто така е ставен под целосна контрола.
Од ЦУК продолжуваат да ја следат состојбата со активните пожари и да известуваат за нивното евентуално ширење и локализирање.