МОЖЕЛА ДА ЈА ЗАГУБИ НОГАТА ОТКАКО ЈА КАСНАЛ ПОСКОК НА ХВАР Лекарите направија 2 операции за да спасат девојче од ампутација
Патувањето до болницата траело нешто помалку од еден час, но девојчето непрекинато повраќало. Таму веднаш ѝ бил даден противотров. Следното утро била направена една, а потоа и друга интервенција за да се спаси ногата.
Змија поскок го претворила летниот одмор на едно украинско семејство на Хвар во вистински кошмар, јави хрватски 24сата. Петгодишно девојче било каснато од најотровната европска змија додека си играло на плажа, по што почнало да губи свест.
– За време на ручекот, ќерка ни си играше со другарчиња во близина на бар на плажата. Одеднаш дотрча и ни кажа дека ја каснала змија, не ни се веруваше – раскажа мајката за хрватскиот медиум.
Губејќи свест, девојчето почнало да повраќа, а ногата ѝ отекла.
– Сопственикот на барот веднаш повика брза помош. За да бидеме побрзи, тој нè однесе со својот автомобил до автопатот, па таму се префрливме во возило за брза помош кое нè однесе до хеликоптер, а потоа во болницата во Сплит – раскажа мајката.
какИако состојбата се подобрила, докторите предупредиле дека постои опасност да ја изгуби ногата.
Следното утро лекарите направиле итна операција.
– Ни кажаа дека постои сериозна опасност да ја изгуби ногата – потврди мајката.
Подоцна била извршена уште една интервенција за затворање на раната.
Сега девојчето е надвор од животна опасност, но и понатаму чувствува силни болки.
– Целата нога ѝ е со завои, уште прима инфузија и антибиотици. Но, лекарите направија чудо. Ѝ го спасија животот, но и ногата. Бескрајно сум им благодарна – вели мајката.