Мора ли сѐ на нож, мајку му стара?!

Ако не ги внесеме Бугарите во Уставот, скринингот ќе запре. Процесот ќе запре. Новата блокада нема да значи вето од Бугарија, туку доказ дека земјата кандидат не е подготвена да го испорача условот. Евроамбасадорот Гир во две јасни реченици ни го соопшти тој наратив, според кој никој друг не може да биде виновен за малтретирањето и за силувањето на Македонија освен таа самата!

6,794

Уште на 18 јуни годинава, веднаш откако беше „распакуван“ првиот француски предлог, во колумна на Плусинфо предупредив дека тој не предвидува почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ.

„Ако владата на Димитар Ковачевски преземе обврска да ја смени Преамбулата на Уставот и ако успее таму да ги запише ‘граѓаните кои живеат во државата и кои се дел од други народи, вклучително и Бугарите’, Советот на ЕУ на 23 јуни ќе ја прифати Општата преговарачка рамка и ќе се одржи симболична, или ‘политичка’ меѓувладина конференција. После неа ќе се одржи и втора меѓувладина конференција, која ќе означи почеток на преговорите, но таа ќе се одржи дури откако ќе биде сменет Уставот. Со други зборови, француската формула не го симнува бугарското вето. Напротив, ветото останува и дури и се засилува“, напишав тогаш.






И прашав – чуму брзање тогаш?

Факт е дека тогаш премиерот Димитар Ковачевски кажа „не“ и побара подобрување на предлогот.

Во подобрената, или, како што беше наречена – рафинирана верзија на предлогот, Македонија доби формулација дека преговорите со ЕУ формално почнуваат со првата меѓувладина конференција, а доби и почеток на скринингот. Но, пак беше јасно кажано дека преговорите ќе почнат дури по внесувањето на Бугарите во Уставот. Во колумна од 1 јули промените ги нареков „козметички“ и нагласив дека и новиот францускиот предлог не ги решава проблемите, туку создава нови.

Иако многумина од мене очекуваа многу повеќе страстна и офанзивна одошто конструктивна и принципиелна критика, мојата цел беше да укажам на проблемите што ќе се јават веднаш по одржувањето на првата меѓувладина конференција, која ионака во вознемирената јавност на измалтретирана Македонија ретко кој ја доживеа како некаков драматичен успех.

И еве, проблемите почнуваат да избиваат на површина.

Дисциплинирање на опозицијата

Пред два дена еврокомесарот Оливер Вархеји жестоко ја искритикува македонската опозиција поради тоа што, како што рече, ги поминала „црвените линии“ во парламентарната дебата за францускиот предлог. Грешат сите што помислија дека оваа изјава на Унгарецот беше лиферувана заради „уметнички впечаток“, или со намера да се поддржи проектот на неколку лудаци од пропагандата на СДСМ за уништување на ВМРО-ДПМНЕ како предуслов Македонија да тргне напред кон Европа.

Вчера евроамбасадорот Дејвид Гир даде прилично јасен и прецизен синопсис за драмолетката што сега ќе ја гледаме на македонската политичка сцена во контекст на ова прашање.

„Доколку промената на Уставот (за внесување на Бугарите) не се случи, јас би рекол дека најверојатното сценарио би било дека процесот едноставно ќе застане таму. Со други зборови, скринингот ќе продолжи до одредена точка и потоа ќе застане да ја чека државата“, рече Гир, појаснувајќи дека тоа нема да значи дека трета држава ставила вето, туку дека самата држава аспирант одлучила да се повлече од обврските кои ги презела за ова прашање.

Гир јасно ни кажува дека Европската Унија е со намера да притисне Македонија што побрзо да го испорача ветеното со прифаќањето на францускиот предлог – Бугарите во Уставот, под итно!

Се разбира, на сите им е јасно дека тоа нема да оди лесно, ако не се изврши силен притисок врз македонската опозиција да учествува во овој проект, за чија реализација е потребно двотретинско мнозинство во парламентот. Во следниве денови и недели ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, а веројатно и некои потенцијални кандидати за „кастриоти“ од опозицијата, ќе бидат под жестока пресија да бидат „конструктивни“ и да ја поддржат Владата во процесот кој сега во опозицијата се нарекува „прво бугаризација, па европеизација“.

Ќе биде тоа една валкана игра. Веќе е почната. И ќе се игра во неколку полувремиња, продолжетоци и можеби ќе заврши со изведување пенали.

Ризичен референдум – а за што?

Како ќе се однесуваат ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски?

Прашањево е важно, бидејќи објективно, при ваква констелација во парламентот, од нив зависи дали владата на Ковачевски ќе успее да го испорача ветувањето за внесување на Бугарите во Уставот.

Она што мене ме буни е упорното инсистирање на Мицкоски граѓаните за оваа тема да се изјаснат на референдум. Бидејќи следната клучна тема, следниот „пик“ во процесот е отворањето на Уставот, на евентуалниот референдум што сака да го издејствува тој, на граѓаните треба да им се постави јасно прашање, на кое ќе можат да одговорат со „да“ или „не“.

Дали сте за внесување на Бугарите во Преамбулата на Уставот?

Тоа е прашањето. Јас не гледам некое друго јасно и политички релевантно прашање за кое би требало да се изјаснат избирачите, ако Мицкоски баш инсистира на плебисцит.

А јас, да бидам искрен, не би инсистирал на тоа. Од три причини.

Прво, тој што сака да се свика референдум, мора прво самиот да одговори на референдумското прашање. Така е етички. Мора да се  одговори кратко и јасно, не во кондиционали, туку едноставно со „да“ или со „не“. Без дополнителни експликации.

Второ, ако ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека е против внесување на Бугарите во Уставот, партијата и нејзиниот лидер мора да опстојат на тој став независно од тоа како ќе се изјаснат избирачите. Мицкоски нема да може да рече – е па ете, ние сме „против“, ама бидејќи народот е „за“, тогаш ние мора да ја почитуваме волјата на избирачите. Ова се вика алиби политика. Која не е на цена. Дури ни во Македонија.

И трето, ако опозицијата не успее да предизвика референдум, тоа ќе се протолкува како поддршка за власта да продолжи со политиката „прво бугаризација, после европеизација“ и со иницијативата за промена на Уставот. Ковачевски со мирна душа ќе може да му реплицира на Мицкоски – ете друже, се обидовте со референдум да ја срушите нашата проевропска политика, не успеавте и ние сега си продолжуваме по патот.

Сосема друга би била ситуацијата кога власта би посакала на референдум да ја провери својата политика за овие прашања. Како што аматерот Заев ја провери својата на референдум и – си доби по муцето.

Дилемата на Мицкоски

Јас мислам дека на крајот „политичкото животно“ (zoon politikon) во Христијан Мицкоски ќе рикне на глас и тој ќе сфати дека од него во овој момент зависи насоката во која ќе се движи земјата. Сериозен политичар такви шанси не пропушта. Затоа Мицкоски треба да се изјасни. Јасно и гласно. Да се изјаснува секој ден, ако е потребно. И да биде подготвен да ги истрпи сите последици на своето изјаснување.

Проста е работата.

Ако Мицкоски се согласи да почне постапката за промена на Уставот и тој учествува во неа, а можеби и гласа за внесување на Бугарите во преамбулата, ќе мора да си ги собере парталите и да си замине и од ВМРО-ДПМНЕ и од политиката. Не очекувам тоа да се случи, но тоа е влогот. Се разбира, има луѓе кои мислат дека со тоа Македонија само ќе добие. Тие мислат дека Македонија законито добива ако ВМРО-ДПМНЕ ги изгуби следните избори и ако се маргинализира на политичката сцена.

А тоа сигурно ќе се случи ако Мицкоски и ова раководство на партијата на било каков начин влезат во игранката за внесување на Бугарите во Уставот.

Ако, пак, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ одлучно се изјаснат против промената на Уставот и ако успеат да ја преживеат сезоната на мошне веројатниот откуп на опозициски гласови по разни основи, треба да сметаат на многу поголеми притисоци од онаа непристојна изјава на Вархеји. На Мицкоски секој втор ден ќе му ја виткаат раката. Но, партијата која сега „јуначки“ се изјаснува против концептот „прво бугаризација, па европеизација“, нема друг избор.

Наративот на брисељаците – само Македонија може да биде виновна, никој друг!

Во таков случај, реална е проценката на Гир дека процесот ќе запре. Како што објаснува и самиот тој, ќе запре и клучната фаза на скринингот.

Бриселските бирократи имаат спремен наратив за таквата ситуација – новата блокада нема да значи вето од Бугарија, туку доказ дека земјата кандидат не е подготвена да го испорача условот скринингот да продолжи и потоа да се одржи втората меѓувладина конференција, после која Македонија ќе почне да ги отвора поглавјата во преговорите.

Евроамбасадорот Гир во две јасни реченици ни го соопшти тој наратив, според кој никој друг не може да биде виновен за малтретирањето на Македонија освен таа самата!

За жал, во овој момент тоа е ставот на ЕУ.

За Преговарачка рамка пак да се разговара

Што треба да очекуваме од премиерот Димитар Ковачевски, од неговата влада и од претседателот Стево Пендаровски?

И натаму ги отфрлам сите напади врз нив за „предавство“ на Македонија и верувам дека и самите тие се во небрано лозје, принудени да бараат решенија за равенката со многу непознати што ја наследија од аматерот Зоран Заев.

Како непоправлив оптимист, апелирам да креираат една нова иницијатива, во обид за суштинско подобрување на Преговарачката рамка, од која мора да се отстранат деловите кои материјалната расправа за билатералниот спор меѓу Македонија и Бугарија и контролните механизми за имплементацијата на билатералниот договор за добрососедство стануваат дел од преговарачкиот процес. Тие делови од Преговарачката рамка го компромитираат преговарачкиот процес во целина, го оптоваруваат и буквално го „загадуваат“ со теми за кои Македонија и Бугарија спорат повеќе од седум децении, а веројатно ќе спорат уште толку.

Има ли шанса да дојде до такви позитивни промени, кои би ја охрабриле и македонската опозиција да влезе во процесот и можеби да стасаме до единствена позиција и во спорот со Бугарија и во преговорите со ЕУ?

Јас сум убеден дека тоа е можно. Преговарачката рамка не е документ исклесан во камен. Македонските барања би биле сосема разумни и би биле поддржани од многу земји членки на ЕУ. Преговорите со ЕУ и во нормални околности траат со години, а не пак во ситуација во каква што е втурната Македонија.

И бирократите во Брисел, од кои толку многу сме импресионирани, се менуваат. Пред некој ден со пријател се помачивме да се сетиме кој беше на позицијата на Урсула фон дер Лајен пред неа. Одвај се сетивме на оној смешкото Јункер. Под притисок на глобалната криза, паѓаат и ќе паѓаат и европските влади. За година или две, до редовниот термин на парламентарните избори во Македонија во 2024 година, многу работи ќе се сменат и кај нас, но и во Европа.

Добивме конференција и сликање – чуму сега пак брзање?

Навистина никаде не гори. Треба да се издржи. Треба да се има малку трпение.

Па не можеме да си дозволиме да бидеме вака безочно и дивјачки силувани и да се самозалажуваме дека „водиме љубов“ со Брисел!

Со европските државници мора да се разговара упорно но принципиелно, пријателски но со инсистирање дека мора да се почитува и достоинството на еден народ и на една држава што сака да биде дел од ЕУ за да ги споделува европските вредности, а не за да биде бугарска губернија на Балканот.

А Европа не се само бриселските бирократи. Европа се и многу познати поранешни политичари, интелектуалци, новинари и јавни личности, кои секојдневно во јавните настапи и во медиумите укажуваат на фактот дека ова што се случува со Македонија е преседан од кој Европската Унија треба да се срами.

Сакам да кажам, имаме и аргументи, и мегдан за разговор, и пријатели во ЕУ што ќе ги поддржат нашите разумни позиции.

По втор пат прашувам – чуму тогаш брзање?

Добро, се брзаше за првата меѓувладина конференција, да се каже дека сме почнале преговори со ЕУ, да може и Албанија да си го тера процесот без нас и веројатно побрзо и полесно самата.

Ете, во ред, бидна тоа – чуму брзање сега?

Подготвени ли сме како политички субјекти и како општество набрзина и безглаво да влеземе во процесот што се вика отворање на Уставот?

Знаеме ли што нѐ чека попатно?

Пресметани ли се ризиците?

Не помислува ли некој дека е разумно да се направи макар и обид да се смират страстите во Македонија, да се поработи на надминување на страшните конфликти и на омразата меѓу самите Македонци?

Па мора ли сѐ на нож, мајку му стара?!

Поврзани содржини