ГРАДСКИТЕ СОВЕТНИЦИ НЕ Ѝ ДАВААТ НА ДАНЕЛА ДА ЗЕМЕ КРЕДИТ ЗА НОВИ ЕКО-АВТОБУСИ Многу се 10 милиони евра „на лепе очи“
„Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. кои годишно земаат скоро половина милион евра за паушали, трет пат ја одбиваат одлуката за купување нови, модерни и еколошки автобуси, кои треба да го заменат стариот возен парк на ЈСП Скопје“, обвинува градоначалничката Данела Арсовска.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, повторно не доби поддршка од советниците за кредит од 10 милиони евра за набавка на нови еко-автобуси.
На денешната седница со 14 гласа „за“, 4 „воздржани“ и ниту еден против, советниците од Советот на град Скопје одлучија повторно да не ја поддржат иницијативата за задолжување, предложена од градоначалничката Арсовска.
Советникот од редовите на СДСМ, Гордан Шутаров, од говорницата ја повика градоначалничката Арсовска да даде повеќе детали за набавката на новите еко-автобуси, по која каматна стапка ќе биде позајмицата и така тие да одлучат да ја поддржат иницијативата.
– Пред да дадеме поддршка за ова позајмување, сакаме да знаеме во каква финансиска состојба е Градот. Според мене, треба да се изработи проект, да се знае колку автобуси и со какви карактеристики е планирано да се купат. Така се бара поддршка, со посериозен проект. А ние само знаеме дека задолжувањето е 620 милиони денари и ништо повеќе од тоа – рече Шутаров.
Градоначалничката Арсовска возврати дека Градот е во добра финансиска состојба и дека пред извесно време е вратен долгот за кредитот што го има земено претходното раководство.
– Доколку ве интересираа граѓаните, уште пред три седници ова ќе беше изгласана точка. Треба да знаете дека станува збор за пазарна економија и не можеме да ви кажеме ние кој ќе се пријави за јавната набавка, со каква понуда и по која цена. Тоа ние не можеме да го знаеме. Вака се вршат сите јавни набавки во земјава – одговори Арсовска.
Таа им порача на советниците, доколку ги интересираат граѓаните, тие сами да ги определат сите детали за кредитот и сите услови, службите на Градот само ќе ги спроведат во јавната набавка. Но и оваа понуда беше одбиена од страна на поголемиот дел од советниците.
По седницата пристигна реакција од Град Скопје, во која се вели дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ денес уште еднаш ја потврдија нивната владејачка коалиција, која очигледно е актуелна и во Советот на град Скопје.
„Она што јавноста треба да го знае е дека токму советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. кои годишно земаат скоро половина милион евра за паушали, трет пат ја одбиваат одлуката за купување нови, модерни и еколошки автобуси, кои треба да го заменат стариот возен парк на ЈСП Скопје, но и да понудат европски стандарди во јавниот превоз. За жал, очигледна е потребата на владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да го кочат напредокот на градот, како што тоа досега го правеа и со државата. Ја кочат секоја одлука која не е нивна, иако е во корист на граѓаните. За овие две владејачки партии, единствен интерес се процентите и тендерите. Оваа одлука не ја гласаат единствено поради тоа што се оневозможени повторно да прават криминал“, се вели во реакцијата од Градот.
Оттаму порачуваат дека предлог-одлуката за купување на нови еколошки автобуси ќе биде предлагана на секоја следна седница на Советот, при што се надеваат дека партиите од власта ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе се вразумат и ќе одлучат во корист на граѓаните на Скопје.
Јавниот градски сообраќај во Скопје е десеткуван во последните шест месеци, откако најпрво штрајкуваа вработените во ЈСП, па еден ден решија да не возат, нешто што се нема случено во историјата на градот. Потоа штрајкуваа и приватните превозници. Тие, пак, по неколкуте средби со градоначалничката и по три јавни огласи, уште не се вратени на скопските улици, последно поради нецелосната документација.
Низ градот возат само автобусите на ЈСП, кои ги покриваат и линиите кои ги опслужуваа приватните превозници. Возниот ред е редуциран, а граѓаните мака мачат да стасаат на работа, на училиште или на лекар.