„Модерна“ ќе ја тестира вакцината кај деца под 12-годишна возраст
Планирано е вакцината да се тестира на околу 7.000 деца, од кои некои ќе бидат на возраст од 6 месеци.
Американската фармацевтска компанија „Модерна“ денес објави дека планира да го прошири опсегот на испитување на вакцината против ковид-19 на помлади деца, со цел подобро да открие ретки несакани ефекти, како што е некакво срцево воспаление за кое неодамна исвестија американските здравствени власти.
Во соопштението на компанијата се наведува дека е во преговори со американската Администрација за храна и лекови за вклучување на поголем број учесници во студијата кои се помлади од 12 години, пренесува агенцијата АП.
Планирано е вакцината да се тестира на околу 7.000 деца, од кои некои ќе бидат на возраст од 6 месеци.
Објавувањето доаѓа во време кога бројот на случаи на заболени со ковид-19 се зголемува во САД, а училиштата се подготвуваат да ги пречекаат учениците.
Во исто време, регулаторите продолжуваат да ги разгледуваат случаите на редок облик на воспаление на срцето познат како миокардитис, кој е пријавен кај мал број тинејџери кои примале инјекции на „Модерна“ или „Фајзер“.
Американски официјални лица и независни медицински експерти минатиот месец изјавија дека придобивките од вакцините далеку ги надминуваат ризиците од несакани ефекти, кои се пријавени кај неколку стотици лица на возраст под 30 години.