МЛАД ГОЛМАН УБИЕН ПО ГРЕШКА НА СРЕД УЛИЦА Напаѓачот го помешал 20-годишникот со член на противничка банда
Млад фудбалер убиен на улицa, се сомнева дека напаѓачот го помешал со член на криминална група.
Трагедија го потресе шведскиот град Еребру, откако 20-годишниот фудбалер Хуго Мосхаген беше смртно застрелан на улица, во напад за кој се сомнева дека е извршен по грешка.
Младиот голман на БК Форвард бил застрелан доцна навечер, откако полицијата добила пријава за пукање непосредно пред полноќ. Тој бил пренесен во болница во критична состојба, но им подлегнал на повредите неколку часа подоцна.
Според првичните информации од истрагата, напаѓачот најверојатно го помешал со лице поврзано со криминални групи, што ја отвора можноста за фатална грешка.
Засега нема уапсени, а полицијата интензивно работи на расчистување на случајот.
Таткото на убиениот, Јоаким Гунарсон, со потресни зборови се прости од својот син.
– Ова е празнина. Во еден момент сте бесни, во следниот тажни. Го изгубивме нашето дете на целосно бесмислен начин – изјави тој за шведските медиуми.
Мосхаген важеше за еден од најперспективните млади голмани во регионот и сонувал професионална кариера. Неговата смрт доаѓа во период кога Шведска се соочува со зголемено насилство поврзано со криминални групи и употреба на огнено оружје, што дополнително ја вознемири јавноста.