Мицкоски: Влегуваме во криза, поранешни пратеници не можат да поднесат иницијатива за свикување на Собранието
Принципиелно се договоривме на последниот состанок кај претседателот Пендаровски дека сите политички партии консензуално ќе треба да ја донесат новата дата за тие предвремени парламетарни, или сега веќе можеби редовни парламетарни избори.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека поранешни пратеници не можат да поднесат иницијатива за повторно свикување на Собранието. Тој во интервју за „360 степени“ вели дека тоа не е само негов став, туку и на релевантни професори по уставно право.
– Тоа е став на прилично релевантни и кредибилни имиња во делот на уставното право, како што е професорот Климовски, професорката Силјановска, професорката Каракамишева, други професори од Правниот факултет, кои исто така велат дека поранешни пратеници не можат да поднесат иницијатива, затоа што тоа навистина би бил сериозен преседан кој што би значел директно и брутално кршење на Уставот – вели Мицкоски.
Тој смета дека власта со оваа иницијатива има на ум да оствари најмалку две цели.
– Првата цел е официјалното образложение, тоа е сите уредби коишто беа донесени, некое двотретинско мнозинство во парламентот да ги потврди, па да бидат на сигурно бидејќи знаат дека во следниот состав во парламентот можеби нема да имаат можност да имаат мнозинство и можеби нема тие да бидат кои што ќе ја составуваат владата, па се плашат од исходот на една таква ситуација. И тоа е кредибилно и легитимно да се уплашени, затоа што знаат дека ќе ги изгубат следните парламентарни избори кога и да се случат, и така уплашени сега се обидуваат така противуставно да го соберат овој состав на поранешни пратеници, власта и поддржувачи на власта. Втората теза е дека сакаат да наметнат датум за избори, да прецизираат датум за избори затоа што практично одлуката е донесена од страна на пратениците да се самораспушти парламентот, но треба ново решение да се потпише, кога ќе биде датумот, бидејќи старото решение е позади нас. Не се случија изборите на 12 април, така што сега ни е потребно ново решение, па можеби некое ново парламентарно мнозинство ќе определи дата што ќе одговара само на определен политички кампус а не на сите. Принципиелно се договоривме на последниот состанок кај претседателот Пендаровски дека сите политички партии консензуално ќе треба да ја донесат новата дата за тие предвремени парламетарни, или сега веќе можеби редовни парламетарни избори. Можеби е некоја трета цел која што мене навистина ми е нејасна. Но, полека но сигурно влегуваме во една кризна ситуација – вели Мицкоски.