Мицкоски: Власта да не тргува со националните интереси, Бугарија да не ја блокира европската иднина на Македонија
Апелираме до пријателите и сојузници од Европската Унија, европската јавност и политичари да се вложат во отворање на пристапни преговори за членство во Европската Унија на Македонија и да им овозможат на македонските граѓани од сите етникуми да ја добијат европската перспектива и иднина кои што одамна ја заслужија со повеќедецениски дела и залагања.
Водејќи се од државните и националните интереси на македонскиот народ и македонските граѓани. Имајќи ја во предвид стратешката определба на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците и останатите за интеграција на Македонија во ЕУ, предизвикани од неспособноста на актуелната власт да ги реализира националните интереси и стратешките определби и свесни за значајноста на историскиот моментум наспроти тајноста, нетранспарентноста на процесот кој што води актуелната Влада и исклучувањето од истиот на сите политички и научни фактори, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по состанокот со лидерите од коалицијата „Обнова за Македонија.
Тој информира дека Коалицијата „За обнова на Македонија“ донела заклучок и ги усвоила следнте ставови:
– Коалицијата цврсто стои на уставната одредба за антифашистичкиот карактер на народноослободителната борба, и остро се спротивставува на промените на Уставот кои значат негирање на антифашистичкиот карактер на народноослободителната борба!
– За коалицијата – македонскиот јазик, неговите историски корени и антропологија, како и неговата признаеност се неспорен историски факт кој е потврден и признат од целокупната светска научна јавност и околу овој факт нема дискусија.
– Коалицијата инсистира на признавање и почитување на македонското малцинство и неговите европски загарантирани права, а кое опстојува кај нашиот источен сосед и чие постоење е потврдено од страна на европски надлежни правни институции, како што е Судот за човекови права во Стразбур. Воедно го повикуваме источниот сосед да ги почитува одлуките донесени од овој суд, а кои се однесуваат на правата на македонското малцинство во Бугарија.
– Коалицијата повикува на почитување на македонската историја и нејзината посебност. И се спротивставува на вештачката промена на улогата и карактерот на националните херои кои се бореле за слободна и независна македонска држава.
– Коалицијата енергично потенцира дека македонскиот идентитет е неспорен и засебен, и има свој посебен историски, правен политички и културолошки развој. Кон овој став едногласно се придружуваат и припадниците на партиите од коалицијата кои што ги преставуваат етничките заедници кои се различни од македонскиот народ.
Мицкоски додаде дека на средбата се истакнало дека ВМРО-ДПМНЕ како наследник на историската организација ВМРО има историска одговорност и обврска да ги штити, зачува и промовира сите идентитетски обележја на македонскиот народ и да се бори за нашата заедничка европска иднина. Сите останати партии од Коалицијата „За обнова на Македонија“ се придружија и цврсто го поддржаа овој став.
– Коалицијата „За обнова на Македонија“ ја предупредува актуелната власт да не тргува со националните интереси, да не ги руши темелите врз кои е изградена модерна македонска држава, а кои се создавани од генерации, и да овозможи транспарентност и инклузивност на сите партнери во овој процес и изградба на национален консензус за ова прашање. Во спротивно ќе се соочи со судот на народот, историјата и правдата. Врз основа на горенаведеното и цврсто опстојувајќи на истото Коалицијата „За обнова на Македонија“ ја повикува Република Бугарија да не ја блокира европската иднина на Македонија, туку напротив да ја поддржи истата и на тој начин да покаже вистинско пријателство помеѓу граѓаните на двете држави. Коалицијата „За обнова на Македонија“ апелира до пријателите и сојузници од Европската Унија, европската јавност и политичари да се вложат во отворање на пристапни преговори за членство во Европската Унија на Македонија и да им овозможат на македонските граѓани од сите етникуми да ја добијат европската перспектива и иднина кои што одамна ја заслужија со повеќедецениски дела и залагања – изјави Мицксоски.