Мицкоски предложил три датуми за избори – 23 август, 30 август и 13 септември
Во врска со предложените три термини за одржување на изборите - 23 август, 30 август и 13 септември - тој истакна дека тогаш пандемијата ќе го намали својот интензитет.
Сакам да им се извинам на сите граѓани поради тоа што денеска наместо да зборуваме за заштитата на здравјето на граѓаните, ние зборуваме за избори кои би можеле да го загрозат здравјето на народот, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веднаш по завршуавањето на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски.
Тој истакна дека на средбата предложил три датуми за одржување на парламентарните избори, а тоа се 23 август, 30 август и 13 септември.
– Што се однесува на денешната лидерска средба, зборувавме околу предизвиците, анализиравме и предлагавме датуми, но сè се водеше од фактот како да го заштитиме здравјето на граѓаните и како можеме да излеземе посериозни пред граѓаните во насока на тоа да одредиме датум, а ризиците да бидат минимални. Се родија многу правни дилеми, а она што сакам да го кажам е дека ВМРО-ДПННЕ ја постави дилемата за повторно гласање на дијаспората. Разговаравме отворено за сето она што ВМРО-ДПМНЕ го предлага, а пред нас го имавме и извештајот од Комисијата за заразни болести, кој, искрено, ме разочара. Го имавме и дописот од ДИК, како и одговорот на писмото од ОБСЕ/ОДИХР, кој вели дека најпрво треба да им соопштиме датум, па дури тогаш тие да ни дадат конкретен одговор.
Во врска со предложените три термини за одржување на изборите – 23 август, 30 август и 13 септември – тој истакна дека тогаш пандемијата ќе го намали својот интензитет.
– Цениме дека пандемијата тогаш ќе го намали интензитетот, иако граѓаните и тогаш ќе бидат изложени на ризик. Имаше и други предлози од останатите политички лидери, но имаше и своевиден ултиматум од господинот Зоран Заев. Би сакал да заклучам дека ВМРО-ДПМНЕ има единствен приоритет, а тоа е здравјето на граѓаните – рече Мицкоски.
Според него, август или септември се најоптимални рокови и за да и се остави време на Владата „да се размавне“, да ги спроведе економските мерки како оние што беа соопштени вчера.
– Да ѝ дадеме можност на Владата да се размавне и ние како опозиција да ја поддржиме, да ги подготвиме протоколите и да ги заштитиме граѓаните – потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.