Мицкоски од Старата чаршија почнува битка за локалната власт: Очекуваме голема победа! ВИДЕО
Денеска практично ја отпочнуваме клучната подготовка за локалните избори кои што за неколку месеци од денес ќе се случат. Симболично ја започнуваме токму од овде од Старата Скопска чаршија и имавме можност со неколкумина занаетчии да разговараме, рече Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
– Тие ја пренесоа нивната загриженост околу моменталната економска би рекол состојба во државата, се разбира ја споделија грижата и од последиците од пандемијата кој што самите ги чувствуваат како понатаму ќе се развива државата, разочараноста од досегашниот пристап на владата во делот на помошта која што изминатиот период брутално ја злоупотребуваше за насилен поткуп, наместо да има помогне на оние кои што се погодени од кризата. Така што одлична можност за во периодот кој што следи да продолжиме да се дружиме би рекол со овие луѓе, да разговараме за реалните проблеми, но не само овде во Старата Скопска чаршија туку и насекаде во Македонија со луѓето кои што практично се борат на реален терен со реални проблеми, а не со оние замислени розеви очила седнати во дебели кожни фотелји каде што газат црвени дебели персијански килими во владата и во министерствата, со скапо платени ПР агенции да ни кажуваат дека животот е розов, а во суштина реалноста е сосема поинаква, односно би рекол спротивна од она што владата преку скапо платената пропагандна машинерија се обидува да не убеди – рече Мицкоски.
Тој истакна дека реалното чувство на граѓаните, на стопанствениците, на занаетчиите е сосема спротивно од она што се обидува владата да ни го прикаже.
– Така што еве тука денеска почнуваме симболично, продолжуваме понатаму секој ден. Покрај ова ќе имам состаноци и со комитетите на партијата, излегуваме на терен и очекуваме голема победа – додаде Мицкоски.