МИЦКОСКИ НАЈАВИ ИНВЕСТИЦИЈА ОД 100 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ЕНЕРГЕТИКАТА Ќе се гради фотоволтаичната централа „Битола 3“

Парите за оваа инвестиција се обезбедени преку два кредити од германската развојна банка (КФВ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).

927

Нова инвестиција од 100 милиони евра во енергетиката најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Станува збор за изградба на фотоволтаичната централа „Битола3“ и  ревитализација на две хидроелектрани, за кои денеска е потпишан договор за двата кредита кои ЕСМ ќе ги земе од Германсакта развојна банка (КФВ) и од  Европската банка  за обнова и развој во износ од 97 милиои евра.

-Со потпишувањето на договорот за реализација на фотонапонската електрана „Битола 3″ и за ревитализацијата на хидроелектраните – Фаза 3, испраќаме јасна и недвосмислена порака: енергетиката е еден од клучните национални приоритети и инвестиција од највисок стратешки интерес. Станува збор за инвестиција од вкупно 97 милиони евра, од овие, 50 милиони евра се од КФВ се за фотонапонска „Битола 3″, 10 за ревитализација на хидроелектрани, а 37 од ЕБОР се за ФЕ „Битола 3″. Со овие проекти, инвестициите во енергетскиот сектор се приближуваат до 100 милиони евра – изјави Мицкоски по потпишувањето на договорот.






Тој додаде дека инвестициите во енергетиката се значајни занационалната безбедност, економската конкурентноста и социјалната стабилност.

-Сигурниот, стабилен и сопствен енергетски систем е предуслов за отпорност на економски и геополитички предизвици, како и за долгорочен развој. Затоа, нашата определба е јасна: систематско, континуирано и одговорно инвестирање во енергетски капацитети, со цел да ја зајакнеме енергетската независност и да обезбедиме долгорочна сигурност за граѓаните и за стопанството. Фотонапонската електрана „Битола 3″ е симбол на таа определба. Таа претставува чекор кон модерна, чиста и одржлива енергетика, која ја користи силата на природата во служба на јавниот интерес. Со ваквите инвестиции ја намалуваме зависноста од увоз на електрична енергија, го стабилизираме енергетскиот биланс и создаваме предуслови за предвидливи и пониски трошоци на долг рок- рече Мицкоски.

Тој додаде дека преку ревитализацијата на хидроелектраните – Фаза 3, покажуваме дека знаеме да управуваме мудро и со постоечките ресурси.

-Наместо да ги оставиме капацитетите да стареат, вложуваме во нивна модернизација, зголемена ефикасност и продолжен работен век. Ова е пристап кој носи најголем поврат за државата и за граѓаните- рече тој.

Овие инвестиции имаат и значаен економски ефект, преку отворање нови работни места, ангажман на домашната индустрија, развој на локалните заедници и зголемена конкурентност на националната економија.

-Оваа цел на Владата не е краткорочен ефект, туку долгорочна трансформација. Градиме енергетски систем кој ќе биде отпорен на кризи, флексибилен кон идните предизвици и усогласен со европските стандарди. Но, исто така систем кој ќе обезбеди енергетска сигурност денес, но и за генерациите кои доаѓаат. Затоа денес не зборуваме само за мегавати и инфраструктура. Денеска зборуваме за суверенитет, за одговорност и за визија. За држава која самоуверено ја гради својата иднина – рече Мицкоски.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Узунчев, истакна дека овој чекор е од суштинско значење за оперативната одржливост на компанијата и за енергетската безбедност на Македонија.

– Нашите стратешки цели веќе се реализираат со голема динамика на терен. Токму денеска ги отвораме понудите за избор на изведувачи за фотонапонските електрани ’Осломеј 2’ и ’Битола 1 и 2’, а истовремено интензивно се работи и на теренска реализација на втората фаза од ветерниот парк ’Богданци’. Преку сите овие проекти, вклучувајќи ја и новата електрана ’Битола 3’, во следните две до три години ќе го зголемиме домашното производство од обновливи извори за повеќе од 200 MW. Тоа не само што значи енергетска стабилност, туку и значаен еколошки придонес со намалување на годишните емисии на јаглерод диоксид за повеќе од 260.000 тони, годишно – рече Узунчев.

Поврзани содржини