МИЦКОСКИ МОЛЕЛ ВО ВАШИНГТОН ДА НЕ ПЛАЌАМЕ ПЕНАЛИ ЗА „БЕХТЕЛ И ЕНКА“ Се истражува кој зел провизија за делницата Кичево-Охрид

Владата имала две опции во врска со договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10д - да се прекине изградбата и да се плаќаат пенали или да се продолжи со работите и да се гради.

11,324

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека договорот со „Бехтел и Енка“ е класифициран, но се проверуваат сите можности и се прават напори за да се декласифицира и да може да се покаже пред македонската јавност.

– „Бехтел и Енка“ е класифициран документ. Ги проверуваме сите можности договорот со „Бехтел и Енка“ да го декласифицираме и да ѝ го покажеме на македонската јавност. Но, можам да кажам дека сите оние основани тврдења кои што ги имавме во опозиција се точни. Сите – рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашања на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната собраниска седница за пратенички прашања.






Тој рече дека Владата имала две опции – да се прекине изградбата и да се плаќаат пенали или да се продолжи со работите и да се гради.

– Како Влада имавме две опции или да излеземе од проектот и да останат овие 350 милиони долари кои што се платени и да платиме неколку стотини милиони отштета откако ќе завршиме арбитражен спор во судот во Лондон по британско, шкотско, ирско, велшко законодавство, не по наше континентално и да извадиме уште неколку стотини милиони евра за сето тоа што ќе биде досудено како казна. Сега ние мора да плаќаме слични такви спорови со кои што ги укинавте концесиите на Казан Дол. Исто како што сега го плаќаме долгот во ЕСМ од 5 милијарди денари. Како што ги плаќаме долговите за друг дел од коридорот 8, за делницата од Кичево до Охрид во износ на 80 милиони долари за неплатени фактури од ноември 2023 година кон изведувачите. Пред банкрот ги доведовте, ама провизиите биле наплатени. Некој ги наплатил, дали сте вие или некој од оваа сала, некој ги наплатил. За тоа се погрижиле авансно и за тоа истражуваме. Немојте да мислите дека тоа ќе остане така неистражено. Сè ќе истражиме и сè ќе излезе на виделина – рече Мицкоски.

Тој повтори дека првата средба со „Бехтел и Енка“ ја имал во Вашингтон каде што замолил да не се плаќаат пенали од стотици милиони евра, потенцирајќи дека пред една недела започнала официјалната работа за изградба на коридорите.

– Ние одлучивме да работиме. Првата моја средба со „Бехтел и Енка“ ја имав во Вашингтон и тогаш молев бидејќи согласно договорот луѓето требаше веќе да ни наплатат неколку стотици милиони евра пенали. И да, молев и ќе молам ако треба секој денар да го заштедам на граѓанинот, ќе молам и не се срамам, но знам дека сум направил нешто добро. И што направивме сега заедно со потпретседателот на Владата, директорот на ЈПДП со претставници на компанијата и со меѓународната заедница? Излеговме на истото тоа место каде што се пукаа петарди за да означиме официјално траса и отворен фронт од околу 11 километри кои што ќе можат да се работат со неколку решени имотно-правни односи, како што му личи на еден проект – му рече Мицкоски на Филипче.

Премиерот Мицкоски истакна дека бил против тоа да се трошат парите на граѓаните, укажувајќи дека во време на владата на СДСМ и ДУИ се потрошени 350 милиони долари, а ниту еден милиметар од изградбата на коридорите не е направена.

– И да, бевме против тоа. И ден-денес сме против тоа. За две години беа потрошени околу 350 милиони долари, а трасата не беше поместена ниту милиметар. Имаше многу основани сомневања за злоупотреба на буџетски пари. Тоа што злоупотребувавте европско знаме, тоа што мислевте дека тоа е решението, а ве предупредувавме дека не е, дека треба да се засукаат ракавите и да се работи. Вие мислевте дека на тој начин сте ја завршиле работата, и готово ќе ѝ се допаднеме на меѓународната заедница и повторно ќе бидеме Влада. Ете видовте до каде ве дотера таа политика, до 18 пратеници – рече Мицкоски.

Поврзани содржини