МИЦКОСКИ И ДОНАТОРИ ИЗГРАДИЈА ДОМ ЗА СИРОМАШНО СЕМЕЈСТВО Лазаревски живееа во руинирана куќа без елементарни услови (ВИДЕО)

Успеавме со донации, но и со труд и работа за месец дена да изградиме нова куќа, нов дом за петте ангели да можат заедно да ја почувствуваат празничната топлина – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

1,096

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и други донатори изградија куќа со покуќнина за сиромашно семејство со пет деца. Мицкоски денеска на Фејсбук објави дека проектот е готов и куќата им e предадена на сопствениците.






Празничните денови се мигови на среќа и радост кога заедно прославуваме со најблиските во топлината на нашите топли домови и на нашите трпези. Но, за жал не сите ја имаат таа среќа и привилегија. Во Македонија има семејства кои живеат во сиромаштија и без основните потреби за достоинствен живот напиша Мицкоски.

Пред месец и половина тој преку медиумите дознал за тешкиот живот на семејството Лазаревски во селото Градиште.

– Ова семејство на малите ангелчиња Ивана, Ангела, Јована, Јован и Велика живееше во импровизиран дом, трошна куќа без елементарни услови за живот. Таа слика не може да остави никого рамнодушен, а најмалку да гледаш дека тука во твојата татковина растат дечиња кои немаат спокојно и безгрижно детство. Денес сум особено среќен што имав шанса да придонесам за малку среќа за ова семејство, да изградам дом заедно со хуманите луѓе кои помогнаа во оваа моја иницијатива. Успеавме со донации, но и со труд и работа за еден месец да изградиме нова куќа, нов дом за петте ангели да можат заедно да ја почувствуваат празничната топлина. Нема поголема среќа од тоа да ја видиш искрената детска насмевка и нивната чиста детска радост – вели Мицкоски.

Тој им се заблагодари на сите кои го поддржаа и помогнаа семејството Лазарeвски да доживее подобро утре.

– Ова не го правам за промоција, туку со срце и волја да ги повикам сите оние кои можат во овие тешки времиња да им помогнат на тие кои имаат помалку, да им подадат рака, да им го олеснат тешкиот живот и да им покажат дека хуманоста сè уште живее во сите наши срца – повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во својата објава на Фејсбук.

Поврзани содржини